Посета на изгубениот град Петра - едно од седумте светски чуда
Моите патувања ги започнав уште во 2014 година, пред тоа знаев да заминам да волонтирам некаде низ Европа и еве после толку години се случи чудо. За прв пат резервирав соба преку AirBnB. Просто да не ти се верува.
Туку шала на страна, вчера денот започна навистина возбудливо. Спиевме само два часа, зошто со Дарe моравме да продолжиме за Петра.
По четири и пол часа трескање низ раскопани патишта стасавме во Вади Муса. Скокнавме до сместувањето, каде бевме единствените гости и за да не пропуштиме ниту минута од дневна светлина се стрчавме до главниот влез на напуштениот древен град Петра.
Не бевме сигурни дали ќе успееме да видиме сè во еден ден, но бевме решени да извлечеме најмногу. Немаше голема гужва.
Пробувавме да ги ставиме марамите, кога еден бедуин пријде до нас и почна да нè убедува да нè превезе со коњи, па кога виде дена нема ништо да извлече од нас, крена раце и од своја волја реши правилно да ни ги намести марамите.
Пешачевме километар и пол кога пред нас се појави најдраматичниот поглед што некогаш го имам видено. Од двете страни бев притиснат од високи карпи, а зраци светлина се пробиваа низ една огромна пукнатина и точно пред мене од ситниот песок се издигна фасадата на 40 метарското здание на The Treasury, познато како Al Khazna.
Бев воздигнат од убавината на местото и во еден миг сфатив дека очите ми се наполнија со солзи. Радост и благодарност се стокмија во мене, ми велеа дека одамна сум требал да ја посетам Петра. Не сакам да звучам патетично, но и ти слично би реагирал ако се најдеше на мое место.
Имаше стотина туристи со телефони во раце, кочии со коњи, камили кои мене лично ми звучеа како диносауруси, а во нивниот одзив имаше нешто мачно и болно. Секој се сликаше, галамеше, испушташе воздишки на воодушевување, олеснување. Како сите да бевме во едно колективно бунило.
Наслушував секакви довикувања, јазици што не ги разбирав. Мали деца пробаа да ми „шитнат“ разгледници, сувенири... Едно од нив, кое сигурно имаше седум-осум години ми се закачи што морав да му направам услуга.
Сите пробуваа да ти продадат нешто, да ти извлечат некој динар… На крај се качив по едни стрмни карпи, морав да платам еден јордански динар за да имам пристап до погледот.
Ако ништо друго барем добив шише вода, ако не го сметам она што видоа моите очи. Стоев и чувствував дека се враќам некаде… Не знам ни јас каде, не бев ни во можност да дадам конкретен одговор. Значењето на оваа навраќање ќе мора некогаш да го разберам сам!
Посетата на Al Khaza беше почеток од одисејата низ древниот град Петра. Пред нас имаше уште десеттина километри пат ако сакавме да стигнеме до Манастирот, познат под името Ad Deir.
Не верувавме дека ќе успееме. Имаше толку многу нешта да се видат. Од гробници, подземни води, тунели, пештери, светилишта… Едногласно се откажавме од замислата и се препуштивме на она што следуваше по Al Khaza.
Саат време подоцна, со милозвучен глас ми се обрати едно момче со надуени образи. Зад себе влечеше магаре, кое баздеше и почна да нè убедува да тргнеме со него до најголемиот споменик во Петра – Манастирот.
За да не ми додева повеќе му реков дека ќе размислам и ако се одлучам ќе го побарам наоколу. Арно ама, детето ме сфати здраво за готово, па на излегување од кралските гробници дотрча до мене заедно со неговиот постар брат, и нивен пријател на петгодишна возраст коj совршено зборуваше англиски.
Да, се натегавме тука. Ни јас, ама ни тие не попуштаа. Ми префрлаа демек сум им ветил ќе ме одведат до Манастирот и на крај сум ги излажал. И од толку многу зборување, попуштивме.
Моето магаре беше бавно. Или можеби изнемоштено. Цело време морав да испуштам крици за да го мотивирам да се движи. Во секој случај повеќе ни се исплатеше да тргнеме пеш, отколку да ги мачиме магарињата.
Така некако стигнавме и до најтешкиот дел. Искачување на 800 скалила вдлабнати во огромни карпи кои водеа до Манастирот. Магарето не ми беше сигурен превоз, очекував на секое наредно скалило да се струполи.
На децата неколку пати им посочив да бидат покрај мене, а тие подбивно си потрчува наоколу и ми велеа дека магарето си го знае патот. Решив да слезам во мигот кога почнавме да се движиме по ронлив раб на една провалија.
Ги оставивме децата и нивните магариња и пешки продолживме до последната точка. Стигнавме. Градниот кош ме кинеше од болка, едвај земав воздух. Среќа во ранецот имав преостанато неколку голтки вода, инаку ќе дехидрирав.
Целиот жива вода стоев пред 47 метарско здание, кое служело за средби на религиозни друштва.
Ако ништо друго барем го дочекавме зајдисонцето во молк. Бевме последните посетители кои останаа во овој дел на Петра.
Кога почна да се смрачува, пополека ги спуштивме сите скалила и налетавме на група бедуини кои средуваа наоколу. Додека се движевме до излезот на Петра цело време слушавме музика од мобилните на бедуините.
Од Ники Минаж, 50 Cent, Ријана… Мислам дека музиката беше таму за да стави точка на уште едно авантуристичко доживувања и пополека да нè подготви за она што нѐ очекува надвор од портите на Петра.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело