Поминување низ воена територија и опасна зона – Патешествието на Евгениј Хоуп продолжува во Ерусалим и Јордан

На ред дојде и Ерусалим! Пред полноќ пристигнавме во светиот град, само што се сместивме кај новиот кауч-сурфер и пробав да вклучам светло во друга соба, слушнав едно „пуф“ и снема струја во целиот стан. Ех, каков баксуз сум значи... Ај, тоа и не е тоа толку важно.

poseta na zapadniot zid vo erusalim preminuvanje na izraelsko jordanskata granica i pat do haoticniot aman 4

Заедно со Даре се сместивме кај Хани, колекционер на откачени очила за сонце, кои самата си ги прави. Де со циркони, де со бисери, ананаси, бубамари… Сигурно ги има над педесетина.

Живее со уште една цимерка, која чува мачка. По заминување од Тел Авив конечно мислев дека ќе бидам на раат од нив, откако пет дена се борев со лудата Ести, стара една година, која два дена претходно за прв пат во животот виде друга мачка.

Следното утро, од едно станување, нозете ме одведоа до стариот град на Ерусалим, оддалечен еден километар од модерниот дел. Сакав прво да го видам Ѕидот на плачот или Западниот ѕид од времето на Вториот храм на Соломон.

Беше преполно со туристи, верници, а на тоа жешко сонце чувствував како самиот ѕид да издишува во мене. Ме гушеше. Ова е најсветото место за Евреи, па не ме ни зачуди што ги имаше од секаде низ светот.

Таму се молат и оставаат пораки во пукнатините на ѕидовите. Веруваат дека Ѕидот на плачот има „божји уши“ и нивните пораки најгласно можат да се слушнат оттука…

View this post on Instagram

A post shared by Dare Dimov | Photographer (@daredimov)

Наредното утро се разбудив ненаспан. Не дека не можев да заспијам од преголема возбуда што сум во Ерусалим, но претходната вечер дојде еден пријател на Хани, кој после пет-шест пива реши да остане на преноќување.

Тоа е кул, ама јас навистина имам проблем да спијам во иста соба со некој што ’рчи. А, како за беља ги немав тампоните за уши. Единствен спас ми беа слушалките од мобилен телефон.

Ги преслушував албумите на Black Hills, потоа се префрлив на YouTube. Напишав Deep Sleep Meditation и се надевав дека тоа ќе ме спаси. Ништо не се промени. Не знам кога заспав, но знам дека алармот ме крена од доста интересен сон…

Мислев дека цел ден ќе бидам папсан, но некако се оправив. Со спакувани ранци го напуштиме светиот град сместен помеѓу Средоземно и Мртво Море, простор каде се претопуваат три религии: јудаизмот, христијанството и исламот...

Поминување на граница секогаш е ужасно досадна процедура, освен ако не се дрзнеш да ја поминеш израелско-јорданска граница. Не се шегувам… Во Израел речиси и не постои некој што може да ти даде конкретни информации на овие прашања.

Очигледно, нема никаков јавен превоз и постојат само две опции: да изнајмиш автомобил или да одиш со такси.

До 13 часот имало збирно такси, кое одело на секои 30 минути. Многу поевтино! Но, некако се исценкавме за сума што ни одговараше. Тргнавме со ентузијазам и како што излегувавме од Ерусалим почнавме да гледаме воени возила, војници…

Јасно ви е за што станува збор. Некоја неудобност се заби во мене, ги пукав прстите на рацете и одеднаш се најдовме покрај ѕидот што го дели Јордан од Палестина.

Во еден момент, возачот промумла дека многу често поминувал оттука, дека е безбедно и скршна по некои сомнителни угорници со разрушени куќи.

Додека да се освестам каде се движиме, пред нас се испрчи натпис дека влегуваме во опасна зона и дека посебно е опасна за Израелци. Штом се освестив, сфатив дека сме на територија на Палестина.

Молчев и вриев во себе. Де се препукував со своите мисли, кои токсично почнаа да ме напаѓаат, де пробав да останам смирен. Не видов жив човек, како да владееше чума. Од небото сонцето пржеше и топеше сè под себе.

Ги гледав лицата на мајка ми и татко ми, пред очи ми истрчаа сите недоискажани, премолчани работи, ветувања… Моменти кои некогаш сум ги дефинирал како среќни, ситуации кои ме разнежнувале, онака човечки ме омекнувале.

Во еден момент, таксито сврте покрај една разрушена куќа. Наоколу имаше само стари школки од автомобили, железарии и разоружувачка тишина. Бев исплашен. Нема што да кријам! Како вие никогаш да не сте биле!!!

Пред да го прашам возачот каде се наоѓаме, се запрашав себеси што е целта на ова мое патување? Возачот, кој едвај зборуваше на англиски јазик смирено ми одговори дека сме дојдени да наполниме бензин. Така и излезе на крај!

До граничниот премин Allenby Bridge стигнавме за половина час. Прво моравме да платиме такса за излез од Израел, поминавме на пасошка контрола, каде полицајците цело време ни се обраќаа како да сме посетители од Италија.

Се качивме во автобус, кој нè спроведе низ воена територија, а самото опкружување потсетуваше на пустински пејзаж од апокалиптичниот филм „Лудиот Макс“.

Кога влеговме на пасошка контрола од страна на Јордан, веднаш ми беше јасно дека влегуваме во „земја од третиот свет“. Освен што беше жешко, имаше еден куп муви кои ми се лепеа по испостеното лице.

Со полицијата немавме никаков проблем, дури бев позитивно изненаден од нивниот пријатен начин на комуникација.

poseta na zapadniot zid vo erusalim preminuvanje na izraelsko jordanskata granica i pat do haoticniot aman 3

И така, по неколку часа истенчување на нерви, правење на лоши филмови и тегнење, конечно влеговме во Јордан. Заедно со Даре се качивме во првото такси по минување на израелско-јорданската граница и се запрашав каде жив заакав во оваа пустелија.

Ама стварно пред мене само се простираше вжештено земјиште, тук-таму некое зелено растение ќе се појавеше на хоризонтот и кози кои претрчуваа преку раскопаните патишта.

Не сакав пред време да давам заклучоци. Често, знам да верувам во искривени перспективи. По речиси саат време од патувањето, кога веќе влеговме во Аман, сликата на местото почна да ми се менува.

Таксистот, кој не писна ни збор, не остави пред зградата на кауч-сурферот, а тој да ти бил некоја позната фацка – презентер на временска прогноза на некоја национална телевизија во Јордан.

poseta na zapadniot zid vo erusalim preminuvanje na izraelsko jordanskata granica i pat do haoticniot aman 2

Ни го покажа станот, ни даде клуч на располагање и нè смести во соба со справа за вежбање. Ех, такви удобности немаш ниту во хотели, а камоли пак во сместување најдено преку интернет платформата кауч-сурфинг.

Како и да е, фино се наспавме пред да се спуштиме во центарот на Аман. Колку што ме служи меморија, мислам дека не видов ниту еден пешачки премин. Сериозно! Сигурно има некаде, но барем моите очи не забележаа.

Па, затоа сите си претрчуваат каде што ќе посакаат. И јас постапував како нив. Добро е сè дури не те акне некој автомобил, оти возат како обезглавени… А да и ова, си имаат навика да фрлаат ѓубре преку прозор. Кутии цигари, пластични ќеси, хартии… сè живо!

Интересно е што сите седат на улица до многу доцна. После полноќ децата играат брканица, како да е 10 наутро. И многу сакаат да одат во трговски центри, а ги имаат насекаде. Од толку многу гужва што има за викенди, петок и сабота, обезбедувањето не те пушта да влезеш ако не си со фамилија.

Но, она што ми остави голем впечаток е љубезноста на луѓето што цело време ги среќавав на улица. Посебно децата кога и да ме видеа ми довикуваа „Хелоу!“ и тоа го повторуваа па десет пати. Додека да не ми стане непријатно.

poseta na zapadniot zid vo erusalim preminuvanje na izraelsko jordanskata granica i pat do haoticniot aman 1

Кога се наоѓам во улица со тезги или нешто слично на нашиот Бит Пазар само во многу поголеми размери, секое нивно обраќање е со намера да ти шитнат нешто… Од толку многу луѓе, само еден пристапи да ми зборува за Алах, веројатно дека стоев пред влезот на една од џамиите и штракав во телефон.

По три дена поминати во Аман, на ред следуваше најголемата авантура од оваа патување – посета на напуштениот град Петра и пустината Вади Рам. Но, за ова ќе раскажам во некоја следна прилика!

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Предлог за кратко викенд патување: 5 преубави македонски села Овие пет села се само мал дел од богатата ризница на Македонија. Ги има уште мно...
5 плажи во Албанија со кристално чисто море (од кои 4 се изолирани) До една од овие плажи се стигнува само со брод, а до другите две мора да пешачит...
Каде за Први мај - 13 места за излет во природа низ Македонија Со семејството или со друштво, добра музика, вкусна храна, студени пијалаци и се...
Скриени места во Европа што вреди да се посетат (пред сите да дознаат за нив) Ако сте од оние луѓе на кои им пречи метежот на познатите дестинации, тогаш овие...
10 места низ Македонија каде може да се разладите покрај река на горештините Македонија изобилува со природни убавини, а реките и водопадите се идеално место...
Плажи на Кипар што вреди да се посетат (и што треба да знаете за нив) Кои се најпосетените плажи на Кипар, а за кои малкумина знаат? Во продолжение из...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg