Додека Ерусалим се моли, Тел Авив игра - Првата станица од патешествието на Блискиот Исток

Пред само неколку недели, додека стоев во својата соба расфрлана со работи за пакување си повторив во себе: „Конечно дојде и тој ден...“. Самата ситуација ме потсети на оние дамнешни времиња, на почетоците од моите патувања, ама само наликуваше, зошто да беше иста воопшто немаше да е интересна.

Dodeka erusalim se moli tel aviv spie prvata stanica od patesestvieto na bliskiot istok 7

Тоа пладне се спакував точно 43 минути пред да излезам од дома. Татко ми, како и секогаш, ме одвезе до автобуската станица во Куманово, што за живо чудо после цела вечност и ние може да кажеме дека имаме автобуска, а не „аутобуска“ како до неодамна.

Dodeka erusalim se moli tel aviv spie prvata stanica od patesestvieto na bliskiot istok 9

Влегов во полупразен автобус за Софија, среќен што нема да делам седиште со некого. Барем ќе можам да ги истргнам нозете. На бугарската граница, како за беља, решија да направат претрес на сите патници. И само што помислив дека ситуацијата ќе стане возбудлива, ми стана здодевна уште по првите секунди.

Еден намуртен полицаец, со трошки околу запуштените бркови одеше од човек  до човек и прашување колку кутии цигари имаме со нас. Па и да имав повеќе од две, немаше да му кажам.

По пет минути од влегување во Бугарија, автобусот замириса на лук. Една девојка, која седеше пред мене, од платнена торбичка извлече переци, чиј мирис ми остана заглавен во носот дури не слегов во Софија.

По таа случка помислив дека конечно ќе можам да се фокусирам на читање, кога еве ти уште едно одвлекување на внимание. Слушнав некакво тропање од тоалетот во автобусот.

Прво се зачудив, па веднаш „сконтав“ дека еден кутар странец се заглавил во него, па од паника со боксови почнал да удира по вратата. Во следите час и половина ова се повтори неколку пати...

Во Софија стигнав во 23 часот и да не беше еден пријател да „мавнеме“ по некое пиво и да каснеме пица, ќе „умрев од досада“.

Авионот за Тел Авив го фатив во 6 наутро, на граничниот премин полицаецот прилично беше љубопитен за тоа каде одев, па морав да му го покажам Фејсбук профилот на пријателот, поточно кауч-сурферот, кај кого ќе седев првите неколку дена.

Ми требаше 24 часа за да се соземам од патувањето. Не само што бев преморен, туку и наглата промена на температурата ми ја исцеди сета енергија. 

Тогаш и почнав да го истражувам овој хедонистички град или како што многумина љубат да го викаат, градот на сегашноста. Не ми требаше многу време за да сфатам дека Тел Авив со неговиот 24-часовен пулс никогаш не мирува.

Самата комбинација од медитерански плажи ми годеше, а многумина паралелно со ова го потенцираат и ноќниот живот што барем мене не ми беше во листата на приоритети.

Dodeka erusalim se moli tel aviv spie prvata stanica od patesestvieto na bliskiot istok 5

Самиот град ми беше малку чуден. Целиот е во згради на три-четири ката, со мал паркинг и зеленило, различни барови, ресторани продавници и она што на секого го боде во очи се високите облакодери.

Откако во 1960 година ја изѕидале првата висока зграда, ми се чини дека воопшто немаат намера да престанат. Само се прашувам како ли ќе изгледа градот за дваесеттина години.

По три дена заминав кај друг кауч-сурфер. Сигурно нема некој цела недела да ме трпи како му се моткам по дома.

Од северниот дел на Тел Авив, се преселив во јужниот дел, поточно во квартот Флоретин – познато хипстерско место со приказни раскажани од уличната уметност, сите проследени со политички тон и историски корени.

Ми стана навика да окупирам туѓи простори, па си влегов сам во станот, откако Бар, кој свири на труба, ми пиша порака на Фејсбук дека „клучот е под чергиче“.

Само што ги спуштив ранците, пред мене се испрчи една дотична мачка со розово синџирче околу вратот. Сигурно си мислела кој е овој будала што влага во станот…

Dodeka erusalim se moli tel aviv spie prvata stanica od patesestvieto na bliskiot istok 1

Не ми треба многу време за да се адаптирам на туѓи територии, веќе по 10 минути се чувствував како „дома“. Кога сконтав дека имам сместување во наредните неколку дена, решив да земам малку здив.

Демек се преморив претходните денови од блеење на плажа и јадење хумус. И така, секој ден ја носев камерата со себе и шпартав низ улиците на овој модерен, брз, мултикултурен и толерантен град.

Dodeka erusalim se moli tel aviv spie prvata stanica od patesestvieto na bliskiot istok 6

Квартот Флорентин ми беше интересен за истражување. Таму со години живеат уметници, но во последен период и почнале да се отселуваат. Ај погодете зошто? Па зошто е скапо. Ненормално скапоооооо!

Често знаев да одам и низ локалните пазари по сетилна авантура и вкусна храна. Чекорев помеѓу тезги со маслинки, зачини, свежо локално сирење, тезги со алва, баклава и цедени сокови.

https://www.instagram.com/p/B1tfduhnlP_/

И точно после една седмица од почетокот на патувањето ми се придружи другар ми Даре Димов од Велес. Тогаш прекина препекувањето на плажа, „акање“ од еден до друг кварт на Тел Авив, преполн со банки и осигурителни компании, трагање по највкусниот хумус во градот, спиење до ниедно време...

Самото присуство на Даре претставуваше враќање на вистинскиот пат и продолжување со нова фаза од одисејата на Блискиот Исток. Ако ова до сега ви се чинеше забавно, тогаш немате претстава низ што сѐ поминавме по напуштањето на Тел Авив.

Dodeka erusalim se moli tel aviv spie prvata stanica od patesestvieto na bliskiot istok 2

Уф, едвај чекам да ви раскажам наскоро - следете нè!

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Коктел 15 евра, грчка салата 10 евра: Како се движат цените на Tigania, една од најубавите плажи на ... Плажата позната како „грчки Кариби“ е меѓу најскапите на вториот крак, а храна и...
Предлог за кратко викенд патување: 5 преубави македонски села Овие пет села се само мал дел од богатата ризница на Македонија. Ги има уште мно...
5 плажи во Албанија со кристално чисто море (од кои 4 се изолирани) До една од овие плажи се стигнува само со брод, а до другите две мора да пешачит...
Локал близу IKEA во Солун со коктел бар, плажа и детско игралиште - за со друштво или со деца (фото)... На излезот од Солун, во близина на IKEA се наоѓа Ergon Agora, уникатен локал кој...
Скриени места во Европа што вреди да се посетат (пред сите да дознаат за нив) Ако сте од оние луѓе на кои им пречи метежот на познатите дестинации, тогаш овие...
10 места низ Македонија каде може да се разладите покрај река на горештините Македонија изобилува со природни убавини, а реките и водопадите се идеално место...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg