Помалку познати, скриени плажи во Грција
Не е тајна дека во Грција можат да се најдат некои од најубавите плажи во светот. Додека повеќето грчки плажи се преполни со туристи, сè уште постојат неколку што се скриени од очите на јавноста.
Па доколку сакате малку приватност, а сте подготвени за авантура, не заборавајте да ги посетите најскриените грчки плажи:
Вутими, Антипаксос
Малиот остров Антипаксос се наоѓа во Јонското Море, на само 3 километри од островот Паксос.
Штом ќе стигнете овде, ќе ве дочека пејсаж кој повеќе ќе ве потсетува на Бразил отколку на Грција – дрвата достигнуваат до брегот, а дури и карпите се „украсени“ со зеленило. Бидејќи понекогаш оваа плажа знае да биде полна, најдобро е да ја посетите рано наутро.
Калогрија, Патрас
Калогрија се наоѓа на 45 километри источно од Патрас, третиот најголем град во Грција. Овде ќе ве пречека песок како во Сахара и неверојатно бистра вода.
Папа Неро, Пилион
На подножјето на планината Пилион се наоѓа плажата Папа Неро. Во близина е повеќе познатата Агиос Јоанис, но малку посетители се осмелуваат да изодат до Папа Неро. Па, оваа плажа е релативно изолирана, дури и во екот на сезоната.
Кариди, Халкидики
Зимските ветришта ги израмниле камењата на брегот и трајно ги искривиле дрвата. Па, целата плажа изгледа како сцена од постапокалипса, особено во лето кога тиркизно сината вода е мирна.
Гомати, Лимнос
Островот Лимнос нема никакви шуми, но овде има навистина интересен екосистем, како на пример дините на плажата Гомати. Поради ветровите, ова е и една од најдобрите плажи за сурфање во Грција.
Меси, Комотини
Оваа плажа се наоѓа во североисточна Грција. И покрај многуте посетители на регионот, плажата Меси останува речиси недопрена.
Ефталу, Митилини
Иако на светот му е речиси непозната, плажата Ефталу е позната по термалните лековити извори кои се богати со радиум.
Овде има градба од 17-тиот век што ви овозможува да ја почувствувате термалната вода со температура од 43 степени. Интересно е што водата во морето, пак, е навистина студена.