250 евра казна за секој кој ќе седне на шпанските скали во Рим
Шпанските скали во Рим отсекогаш биле место за одмор за туристите. Но сега, и официјално, седењето на скалите е забрането.
Забраната стапи на сила на 8-ми јули годинава, но дури оваа недела полицајците почнале да го спроведуваат законот. Според новиот закон, секој што ќе биде фатен дека седи, јаде или пие на скалите, може да си заработи казна и до 400 евра.
Доколку само седнете на една од скалите, ќе добиете казна од 250 евра, а доколку ги извалкате или уништите на каков било начин, ќе треба да платите 400 евра.
На некои не им се допаѓа забраната, вклучувајќи го и бившиот заменик министер за култура Виторио Згарби.
„Убаво е да се заштити споменикот и секако не би требало да јаде е на скалите, но забраната за седење е претерана. Ми се чини дека законот е во фашистички стил и локалната управа ќе биде присилена да го преиспита“, изјавил тој.
Слично е мислењето и на Томацо Танчили, директор на римското здружение на хотелиери:
„Се сложивме дека луѓето не би требало да кампуваат на скалите бидејќи оставаат ѓубре. Но да се казнуваат само затоа што седнале, особено ако се постари, тоа е малку претерано.“
Скалите биле изградени во 1720-тите години за да ја поврзат црквата Тринита деи Монти со плоштадот. 137-те скалила станале збирно место за поети, сликари и уметници од целиот свет, за денес да се претворат во атракција во којашто уживаат сите туристи. Денес Шпанските скали се една од најпопуларните знаменитости во Рим.
Сепак, Симоне Аморико, директор на италијанската туристичка компанија Access Italy изјавил дека седењето на скалите не е традиција помеѓу Италијанците.
„Италијанците никогаш не го прават тоа. Никогаш не сум седел на Шпанските скали. Моите пријатели никогаш не седеле на Шпанските скали. Навистина го почитуваме нашиот град. Не стоиме на ниту еден древен ѕид, ниту пак ставаме катанци на кој било мост.“
Оваа атракција не е единствената римска локација со нови правила. Забраната за седење, јадење и пиење важи и за фонтаната Треви и некои други знаменитости.
Слични мерки се спроведени и во Венеција поради проблемот со премногу туристи кои ги уништуваат историските локации.
Спирова С. | Црнобело