Зошто никогаш не треба да резервирате хотел и да купувате авионски билет во исто време?
За повеќето од нас, планирањето на одморот обично вклучува одбирање на дестинација, малку истражување, споредување цени и посегање по кредитната картичка. Голем број луѓе ги закажуваат хотелите и авионските летови во истиот ден, но неретко овој пристап може да ве чини повеќе пари.
Имено, најдоброто време за закажување лет и хотел е различно. Доколку не го закажете летот порано, факт е дека подоцна ќе потрошите многу повеќе заради растот на цените.
Кај авионските билети, најчесто, колку подолго чекате, толку се повисоки цените. Но, кај хотелите обично важи спротивното правило.
Кога ќе го земете ова предвид, јасно е дека овие две нешта секогаш треба да ги закажувате и купувате одвоено.
Кога е најдобро да купувате авионски билети?
Секогаш обидете се да ги купувате авионските билети 7 недели пред патувањето. Според некои податоци, на овој начин ќе платите дури 10% помалку од просечната цена. Авиокомпаниите секогаш нудат добри и примамливи зделки, но се покажало дека овој период од 7 недели е најефикасен.
Исто важен е и денот на којшто ќе летате. Речиси кај сите авиокомпании, билетите се поевтини во работните денови за разлика во викендите. Па избегнувајте да летате во петок, сабота или недела.
Утринските летови се обично најевтини, најмногу бидејќи луѓето не сакаат да стануваат во 4 наутро, па заинтересираноста за нив е помала.
Кога е најдобро да резервирате во хотел?
Во речиси секој просечен хотел, секоја вечер се издадени најмногу две третини од достапните соби. Па, освен ако нема некој голем настан во близина на хотелот, голема е веројатноста да најдете сместување дури и на денот на пристигнувањето.
Онлајн, можете да закажете хотел и неколку месеци однапред, но колку повеќе чекате, толку повеќе ќе заштедите. Секогаш е подобро да закажете една недела пред патувањето, наместо еден месец.
Најмногу ќе заштедите доколку ги чекате „last-minute“ понудите. Имено, во овој период цените на хотелските соби можат да бидат и 10% пониски од вообичаено.
Сепак, тоа не значи дека секогаш мора да се држите до ова правило, бидејќи не секогаш и секаде функционира, па добро е да ги следите цените на неколку дена и да одлучите кога е најдобро да резервирате соба.
Спирова С. | Црнобело / фото: depositphotos.com