Селце на Кефалонија со шарени куќарки, впечатливи таверни, море и еден куп мачки
На моето патување на Кефалонија, најголемиот остров во Јонското Море, имав можност да налетам на едно селце со шарени куќарки и тиркизна вода. Од толку места видени до сега, Асос ми направи најголем мерак. Сериозно!
На 36 километри од Аргостоли, главното гратче на Кефалонија, се наоѓа пријатно место со едвај сто жители. Таму сите куќарки поседуваат посебен шарм.
Те гледаат гордо што едноставно не можеш, а да не им се насмевнеш. Уникатните бои на секоја од нив ти приредува едно визуелно доживување, кое, барем мене, не ми дозволија да си заминам без да ги фотографирам.
Ако плажите ги оставиме настрана, Асос е најслаткото нешто што се наоѓа на островот. Од една страна е толку мало, а исполнето со огромна пријатност и ведрина. Небаре е некое место произлезено од романи.
Нешто друго што ми остави впечаток на островот Кефалонија, ни помалку, ни повеќе се нивното Височество, мачките.
Забележав како се третирани по слегување од фери бродот, но тоа особено беше изразено на Асос. Буквално, третирани се како царици. Ги хранат, ги галат, Ги штитат. Да ти е мерак да си мачка таму.
Шега на страна, ама не останав рамнодушен ниту на мирисот на свежо подготвените каламари. Имаше неколку впечатливи таверни во сино-бела боја, со насмеан персонал и така настрвен, со порција храна во раце се спуштив на плажичката.
Си ги бркцав нозете, уживав во лигните, впивајќи ја сета убавина околу себе. Во тој занесен момент си размислував колку е потребно за среќа.
Понекогаш многу малку, само широко отворени очи да гледаат во синевина пред себе и благодарност за сето она што го имаш во животот.
Посета на Кефалонија е посебен аџилак, а оние кои се отворени за нови работи ќе извлечат најмногу.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело