Самовилски Води - кладенец вдлабен во карпа, рид со облека и самовили
Верувате ли во самовили? Барем еднаш во животот, сигурно сме го слушнале ова прашање. Можеби во последните години не толку често, но кога сме биле деца сигурно повеќе сме се интересирале за оваа тематика.
Неодамна заедно со неколку пријатели решивме да ги посетиме Самовилските Води во село Зубовце. На десеттина километри од Куманово, покрај реката Пчиња се наоѓа еден рид каде на секое растение е обесено парче облека.
Од маици, панталони, чорапи, до гаќи, обувки, накит... Искрено, самата глетка ме наежи кога прв пат стапнав таму и се движев со стравопочит по тесното патче кое водеше до кладенецот.
Уште како дете за Самовилските Води имам слушнато секакви приказни. Не знам колку од нив се вистинити, но го пренесувам она што допрело до моите уши. Има луѓе кои веруваат дека оној кој ќе се напие и измие од мистериозниот кладенец вдлабен во карпа ќе закрепне, ќе се излечи од некоја болест, а воедно и ќе се ослободи од стегите на несреќата.
Со години се зборува дека тука живеат самовили, кои се капат во кладенецот. Има луѓе кои тврдат дека оствариле и некаков контакт со нив. Токму нивното присуство во водата ја прави истата лековита.
И очигледно е по што е крстена оваа мистериозна локација. Колку што ме служи сеќавањето, по пат сретнавме еден човек, кој ни рече дека водата била најлековита помеѓу четврток и петок. Тогаш и имало најмногу посетители.
Освен тоа е што има изградено и мал олтар, со неколку икони ставени наоколу. Кога разгледувавме наоколу забележавме недогорена свеќа, што сведочеше дека некој претходно бил тука.
На крај, останува мистерија околу Самовилските Води. Се надевам дека кладенецот ќе продолжи да помага на луѓето како што помагал до сега. Без разлика од која точка се набљудува, сите ќе се сложиме дека постои нешто необично во ова место.
За сите оние кои имаат желба да истражуваат локалитети богати со приказни, Самовилските Води ќе ви ја размрдаат заспаната фантазија.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело