Шармантни гратчиња на југот на Португалија кои треба да ги посетите
Југот на Португалија во последните години ги привлече туристите и стана еден од најпосетуваните региони на оваа медитеранска држава.
Доволно е што Алгарве излегува на Атлантскиот Океан, што има околу 300 сончеви дена годишно, што ги има највкусните портокали и што им овозможува поразлично патување на сите кои ќе стапнат таму. Во продолжение следува листа на популарни гратчиња кои ги задоволуваат побарувањата на патувачите.
Фаро или седиштето на португалскиот летен туризам. Познат и како најјужниот град во Португалија. Заливот, аеродромот, пристаништето и железничката станица ја прават дестинацијата достапна за сите.
Населен уште од праисторија, овој португалски град на своите посетители освен песочните плажи им нуди голем број на атракции што можат да се посетат во градот.
Почнувајќи од Католичката катедрала на Фаро, која во 1251 година започнала да се гради, па сѐ до Museu Municipal de Faro, вториот најголем музеј во Алгарве. За првпат отворен во 1894 година по повод 500 годишнината од раѓањето на Хенри (Навигаторот). Не смее да се пропушти и една од највпечатливите цркви Igreja do Carmo.
Лагос (Лагош) или град познат како првото место за тргување со робови на почетокот од 15 век. Се наоѓа на западниот брег од Алгарве и во себе длабоко го носи препознатливиот дух на Португалија, заедно со калдрмисаните улички, традиционалните куќарки, плажите и ноќниот живот.
Јужниот дел од Лагос, Ponta da Piedade, се смета за природно богатство на Алгарве, токму поради стрмните карпи и пештери кои излегуваат на Атлантскиот Океан.
Портимао или град со развиена рибна индустрија е уште една дестинација која собира голем број на туристи. Можеби, гратчето со своите 50.000 жители не е ништо само по себе, но штом се приближите до брегот ви се менува доживување на местото.
Пловење со Santa Bernarda, сурфање и нуркање покрај брегот на океанот, играње голф и јадење сардини. Ова се само дел од благодатите на ова португалска гратче.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело