Бајковити замоци во кои може да престојувате
Сместувањето во замок е искуство од соништата и верувале или не, многу е возможно.
Многу замоци кои биле домови на кралски семејства низ историјата денес се претворени во хотели или објекти за изнајмување, што значи дека еден ден вашата заштеда може да ја искористите за спиење во антички кревет со поглед кон фасцинантна градина.
Adare Manor, Ирска
Лоциран во непосредна близина на ирското село Adare, Adare Manor е луксузен хотел-замок, идеален за посета во зимските денови.
Овој објект со 5 ѕвезди поседува соби уредени во класичен стил, спа центар, базен, кино просторија, терен за стрелаштво и неколку видови ресторани.
Всушност, сè што ви е потребно во текот на престојот, доволно за да не мора да ја напуштите топлината на замокот.
Duchray Castle, Шкотска
Овој замок е стар повеќе од 500 години, но неодамна е реновиран и вградени се луксузни елементи. Тука не може да изнајмите соба - четворособниот замок се издава како комплетен објект и за оброците треба да се погрижите сами бидејќи не поседува ресторан.
Не е евтино, но во зима цените се многу пониски (особено ако го поделите трошокот со пријатели). Околината нуди можност за различни активности меѓу кои и посета на Deanston дестилеријата каде се произведува виски.
Chateau de Chantore, Франција
Престој во замок во Франција звучи како фантазија, но не мора да биде. Лордот Chantore го изградил овој замок во 18-тиот век и има два апартмани и три гостински соби.
Собите се прилично украсени со дезенирани тапети и мебел што потсетува на периодот на романтизам, и секое парче е исполнето со уникатни антиквитети.
Во близина се неколку туристички атракции како Музејот на Christian Dior кој навистина вреди да се посети.
Castello di Monterone, Италија
Иако Италија можеби повеќе ве асоцира на летен одмор, таа е подеднакво убава и кога температурите ќе паднат. Плус ако може да си дозволите престој во овој замок што датира од 11-от век, ќе си овозможите незаборавно патување.
Има неверојатен поглед кон плодните ридови, а гостите може да уживаат во турска бања, базен со хидро масажа и елегантни соби меѓу оригиналните камени ѕидови.
Parkhotel Wasserburg Anholt, Германија
И Германија може да се пофали со своите замоци. Ова е хотел со 4 ѕвезди сместен во срцето на еден прекрасен, буен парк и поседува 31 соба, сите со неверојатен поглед.
Истите се тематски уредени, има ресторан и бар во подрумските простории.
Можеби е малку кич, но тоа го прави уште поинтересен, а и самата локација е одлична можност да видите дел од Германија кој вообичаено не би го посетиле.
А. Ш. | Црнобело