Зајакнете го телото и умот - Планинарски тури кои секој треба да ги искуси
Планинарски тури за секого!
„За почетници би препорачал тура до највисокиот врв на Јабланица - Црн Камен. Кога се планинари до него се започнува од с. Горна Белица, па по 2.5 часа долга патека исполнета со преубави глетки на карпест предел, на шума и на потоци се пристига до врвот. Потоа преку релативно лесна патека се спушта на Вевчанска Локва каде е препорачливо и да се избањате“, предложува Димитар.
„За релативно искусни планинари би препорачал да се посети врвот Кобилица на Шар Планина. Тоа е еден од најкомплексните врвови во Македонија и е вистински предизвик за тестирање на физичката спремност.
Имено во должина од само 5.5 км се искачува висинска разлика од околу 1.400 метри од с. Вејце до врвот Кобилица, а потоа следи и спуштањето. Кога се оди тука, неретко планинарите се упатуваат и кон Црн Врв кој може да се посети за дополнителни 3.5ч пешачење“, препорачува тој.
„За поискусни планинари би ја препорачал зимската патека до врв Пелистер преку камењар. Тоа е физички доста = предизвикувачка патека која се совладува за околу 6 часа искачување.
Потоа симнувањето би било по патеката за ратрак односно стандардната зимска патека со зимска маркација. Со тргнување од х. Молика и симнување кај Инфо Центарот оваа тура ќе ве истестира до максимум поради нејзината должина (околу 22км зимска патека) и висината која треба да се совлада.
Оттаму оваа тура не е за почетници и задолжително треба да се има искусен планинар кој ја поминал веќе неколку пати истата“, открива Димитар.
„Како еден од најголемите предизвици во Македонското планинарство би ја предложил Западната Македонска Трансферзала. Тоа е патека во должина од 225 километри која се поминува во текот на 10 дневна организирана тура. Патеката е од Старо Село до врв Љуботен, преку целата должина на Шар Планина (85км нонстоп над 2200 мнмв) до Маврово, Бистра, Стогово, Караорман до с. Црвена Вода кај Охрид. Вистински предизвик за секој планинар кој сака да искуси како изгледа едно експедициско планинарење. Јакнење на целото тело и ум“, завршува Димитар.
Автор: Евгениј Хоуп