Авантура наречена Транссибирска железница
Секој од нас има поминато низ период во животот кога сака да проба нешто ново. Нешто што ќе го размрда од монотоното секојдневие и ќе му внесе дополнителна свежина во постоењето
Често, во такви ситуации избираме да патуваме. Тоа го гледаме како единствената можност да воспоставиме баланс помеѓу себеси и светот во кој живееме.
Транссибирската железница е патување кое сите треба да си го дозволиме барем еднаш во животот. Изгледав неколку документарци за патувањето и не можев да си ги скротам емоциите и чувствата од напливот на слики што ми се појави во свеста.
Иако мислам дека голем дел се запознаени со рутата, сепак станува збор за најголемата мрежа на железница, која ги спојува Москва и европскиот дел од Русија со источниот дел од Русија, како и со Монголија, Кина и Јапонското Море.
Најпопуларната рута е Москва – Владивосток, која трае седум-осум дена, а во меѓувреме се поминуваат осум временски зони пред да се стигне до целта.
Идејата за градење на Транссибирската железница му припаѓа на царот Александар III, а самиот процес започнал во 1891 година, каде почнале да се градат неколку делници западно и источно од Москва.
Интересно е тоа што завршувањето на овој проект бележи два датуми. Првиот е во 1904 година, кога железницата, преку Манџурија била поврзана со Владивосток, а вториот завршеток датира од 1916 година кога целото поврзување било изведено на руската територија.
Пуштањето на Транссибирската железница придонело за пресврт во Сибир. Почнала индустријализацијата, се граделе дополнителни железнички линии и се поврзувале тешко достапните места, а исто така огромниот предел полесно можел да се населува.
Интересно е тоа што за сите тие години градбата на пругата ја вршеле затворениците од островот Сахалин, заедно со руските војници.
Освен Транссибирската железница, денес постојат уште неколку траси: Трансманџуриската железница, која води сé до Пекинг, потоа Трансмонголската железница, која води до Монголија и Улан Батор, а исто така и до Пекинг и најновата Бајкалскоамурската железница.
Самата помисла дека се наоѓам во некое од купеата и дека лично ги доживувам приказните за Сибир ме мотивира веднаш да го спакувам ранецот и да направам резервација на релација Москва-Пекинг.
И после сé може да заклучиме дека Транссибирската железница е повеќе од една обична железничка рута. Ова е патешествие низ модерната Русија и збир на загатки сместени во срцевината на една енигма.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело