Наместо на снег, одете некаде на плажа - Зошто да ја посетите Португалија во зима?
Неодамна ми дојде идеја да ја посетам Португалија во зима. И додека така размислував се сетив дека еден близок пријател штотуку се врати од Лисабон, го побарав на телефон и во неколку реченици ги сподели неговите доживувања со мене.
Португалија сите ја знаеме по нејзините песочни плажи и сонцето кое со месеци будно следи што се случува таму, но во секој случај, треба да си дадеме шанса на себе и да ја посетиме оваа држава во зима.
Сите до еден ќе бидеме примамени од количеството на сончева светлина и витамин Д, кои ќе ни помогнат да излеземе од зимската меланхолија и потиштеност.
За разлика од другите европски држави, Португалија е одмината од сиви облаци и смрзнувачки температури. Посебно крајбрежјето на Атлантскиот Океан редовно е пропратено со сонце и чисто небо, па што повеќе ни треба од ваков призор во сред зима.
Што појужно, тоа и поубаво би се чувствувале. На пример Фаро. Идеална дестинација во декември или јануари да седнеш под отворено небо, во некој опуштен локал и да пиеш вино.
Уште една предност, што барем мене многу ми значи е тоа што во зимскиот период има помалку туристи и гужва. Од искуство знам колку нерви можеш да скинеш во Лисабон ако го посетиш во лето.
Ти изгледа како одеднаш целиот свет да се има насобрано на едно место и тоа во Португалија, која до пред само неколку години воопшто и не беше атрактивна за туристите.
Сите атракции, посебно во Лисабон и Порто, се пренатрупани со луѓе, персоналот во баровите и рестораните се под стрес, додека пешачиш со рамена се удираш де со еден, де со друг... Сега, барем истите луѓе се некаде на планина и ски ресорти, чекајќи да се стопи снегот за повторно да ги окупираат плажите.
Сите знаеме дека Португалија и сурфањето се тесно поврзани, па токму зимскиот период е пропратен со големи бранови за сурфање. Не мора да си вешт сурфер, дури и прв пат да пробуваш имаш можност тоа да го изведеш во многубројните школи за сурфање кои ги има по брегот на океанот.
Но, ако вистински сакаш да уживај во овој спорт, макар гледајќи го, тогаш ќе го посетиш местото Nazaré, кое на наоѓа час и половина северно од Лисабон. Пред неколку години светскиот рекорд за сурфање на највисок бран се случи токму на ова место.
Можат да се наведат уште многу причини зошто да се посети Португалија во зима, но секој си има различни интереси и приоритети, но затоа сите ќе се сложиме дека вкусната храна е уште еден мотив да се истражи оваа држава.
Нивната кујна и не е толку комплицирана, во главно се состои од морска храна и месо, заедно со питко локално вино. Но, секој регион си има различна варијанта за секој специјалитет.
Посетители, оние што не се вегетаријанци или вегани сакаат да пробаат cozido, вид на чорба составена од свинско, пилешко и говедско месо и измешана со зеленчук и компир.
Уште еден вкусен специјалитет е sopa do dia, позната како супа на денот, која се служи топла, а содржи кромид, компир, лук, маслиново масло и по малку свински колбас.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело