Тони Гогов: „Среќавам ирваси во снежната дивина и уживам во поларната светлина во Лапонија“
„Кога ќе престанете да уживате во она што го работите во животот, мудро, почнете да барате нешто ново“, споделува Тони Гогов, човек со авантуристички ум и без ограничувања во животот.
Човек, кој повеќе сака да слуша, отколку да зборува. За Тони Гогов има што да се раскажува. Тој е роден во Македонија, по професија е хотелиер, но истовремено и светски патник, сноубордер, финалист во книжевниот натпревар Околу светот на 80 страници и туристички водич на мали групи во Јордан. Во моментот живее и работи во светски познатиот Арктички ресорт Какслаутане, кој се наоѓа во Лапонија, Финска.
„Лапонија е магична. Сé се сведува на бели пејзажи обвиткани во темнина, а осветлени од ѕвездите на небото и фенерите на патеките кои создаваат расположение за пријатна празнична сезона“, открива Тони Гогов за Лапонија.
„Секој знае дека Дедо Мраз доаѓа од Лапонија, но постојат доста сказни за традиционалниот фински Божиќ. За време на празничната сезона, Финците сакаат да одвојат време за себе и да уживаат во друштво на најблиските“.
Тони вели дека Лапонија нуди многу повеќе на оние кои се подготвени да бидат Above Ordinary што е и слоган на регионот.
„Контрастите се клучен фактор во привлечноста на самата Лапонија“, раскажува Тони. „Моментално во северните краеви на Финска во текот на поларниот самрак, сонцето може да биде видливо во текот на денот, но периодот во кој е над хоризонтот е доста краток, што може да биде само два часа. Штом сонцето се спушта под хоризонтот во овие места поблиску до поларниот круг, над лапонското небо блеснуваат неверојатни бои, честопати различни нијанси на сина или виолетова или магента и во Лапонија, ова едноставно е познато како синиот момент на денот.
Сепак, вистинската забава доаѓа по зајдисонцето, кога започнува волшебната игра на поларната светлина.
„Возбудата од појавата на поларната светлина аурора бореалис е уникатно искуство за кое секој човек мора да го засведочи еднаш во животот. Финска е едно од најдобрите места на Земјата за да ја забележите поларната светлина - таа се појавува над 200 ноќи годишно во Лапонија“.
Нема сомнение дека во овој дел од светот има секакви активности на располагање. Позната е приказната за летање низ шума на работ на Арктичкиот круг, а станува за забрзано лизгање низ снежните грани на санки кои се влечени од хаски. Пред да тргнат, кучињата завиваат и инстиктивно ги напрегаат своите ремени. Штом командата е зададена, тишината го зазема тронот и започнува патувањето низ лапонската патека на лизгање во снежната дивина.
За уживањето да биде уште поголемо, Лапонија нуди уникатни активност, како возење со моторни санки, прошетки и средби со ирваси, риболов во замрзнати реки, посета на на најголемите национални паркови во Финска, традиционалната сауна и пливање во замрзнато езеро, нордиско скијање и бројни зимски спортови.
Сплотете се со мирот и тишината на дивината, далеку од градскиот метеж и врева. Ако сакате да бидете дел од некоја зимска бајка, тогаш Лапонија ќе ви го обезбеди тоа.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело