Познат туристички сајт ја „откри“ Хрватска, па ја презентираше на читателите
Познатиот туристички сајт „Travel+Leisure“ објави содржина со интересен наслов: „Дали знаете каде е Хрватска? Бидејќи никој друг не знае!“
Во продолжение на својот текст, тие на своите читатели им ја презентираат Хрватска на овој начин:
„Дали сте чуле некогаш за некое место и сте помислиле: 'Каде побогу е тоа?' Па, не сте сами. Дестинациите како Хрватска добиваат голема популарност кај Европејците, но ние Американците, ќе се изгубиме на мапа.“
Нивниот мотив? Резултатите за најпребарувани прашања на Гугл, меѓу кои на второ место е „Каде е Хрватска?“
Понатаму тие објаснуваат дека иако „Хрватска е мистерија“, всушност може да се најде во Европа, граничи со Босна и Херцеговина, Црна Гора, Унгарија, Србија и Словенија и излегува на Јадранското море, лоцирајќи ја „десно од чизмата на Италија, од другата страна на водата.“
Во завршниот дел, триумфално објавуваат дека „мистеријата е решена“ и дека всушност се работи за доста позната држава со богата историја и развиен туризам. Дознаваат дека дури и добар дел од „Игра на тронови“ е сниман во Дубровник, а ги откриле и прекрасните Плитвички Езера.
Добро завршена работа, „Travel+Leisure“!
Е. Д. | Црнобело