Туристички „опседнати тури“ кои во вас ќе го разбудат ловецот на натприродното
Љубителите на специфичните видови туризам сигурно се воодушевени од можноста да ги посетат Чернобил или хотелот кој бил инспирација за „The Shining“.
Во светот навистина постојат организирани туристички тури за посета на мистериозни и опседнати места. Иако на филмовите сме навикнати ваквите нешта да имаат морничав исход, во реалноста не е секогаш така.
Сепак, овие патувања се наменети само за најхрабрите:
Духовите на болните во болница во Сиднеј
Навидум само стара и обична болница, доколку не го знаете минатото. За сиднејската „Q Station“ долго се зборува дека е опседната. Таму постоел карантин за имигранти кои се чувале во лоши услови и умирале од тифус или туберколоза.
Најинтересно од сè е што градот организира таканаречена „екстремна тура со духови“ веќе 100 години. Учесниците, секако, се обезбедени и со апарати за локализирање на паранормалното.
Сеанса со духови во затворските ќелии на Сан Франциско
Во Сан Франциско постои стар затвор кој со години е место каде е центарот на случувањата за Ноќта на вештерките. Таму има изложби на паранормалното, како и интерактивни активности.
Турата е проследена со непредвидливости кои на посетителот ќе му создадат впечаток дека е во хорор филм.
Опасниот паднат Чернобил
Катастрофата во реакторот во Чернобил ни е позната на сите, а оттогаш Припјат, но и многу села и градови се евакуирани и оставени на забот на времето.
Триесет години подоцна, владата на Украина одобри туристички посети во погодените места, со однапред пропишани услови за заштита на туристите. Научниците пак, сметаат дека овој регион не е и нема ни да биде место каде може да се живее ниту во следните 20.000 години.
Хотелот кој го ужасна Стивен Кинг
Иако е тешко да замислиме дека нешто може да го ужасне Стивен кинг, хотелот Стенли во Колорадо го направил токму тоа. Тој таму се инспирирал за своето маестрално дело „The Shining“.
Во туристичките понуди на туристите им се нуди престој во најмрачните и најопседнатите соби, а дозволено им е да носат и камери и фотоапарати, па дури и апарати за регистрирање на паранормални активности.
Е. Д. | Црнобело