Будимпешта и нејзините скриени локации
Постојат градови во светот на кои одново им се навраќаме. Иако ги имаме посетено, секогаш остануваат неоткриени локации за кои не сме ни свесни дека постојат. Еден таков пример е градот Будимпешта.
Сите го знаеме плоштадот Kossuth, кој се наоѓа пред парламентот во неоготски стил и со неоренесансна купола и претставува симбол на Будимпешта. Шеталиштето покрај Дунав, Синџирестиот мост, кој ги поврзува Будим и Пешта, потоа замокот Будим, каде некогаш престојувале унгарските кралеви.
Би ги додал и црквата Св. Матијаш, Плоштадот на хероите, како и базиликата Свети Стефан. Оние кои сакаат да одат од продавница до продавница своето место ќе си го најдат на шопинг-улицата Ваци, а другите кои имаат потреба да се релаксираат ќе го одвојат своето време за да посетат некоја од бањите.
Ова се општопознатите знаменитости на Будимпешта, но зад нивниот превез се кријат уште многу интересни места, кои навистина ќе ви го задоволат истражувачкиот дух.
Ако сакате временско навраќање во еден подзаборавен период, тогаш библиотеката Szabo Ervin е вистинскиот избор за вас. Оваа книжевна одаја речиси и да не е позната на туристите, само најстрасните читатели можат да се дочепкаат до неа. Иако е сместена во централниот дел од градот, оваа палата исполнета со книги ќе ве пренесе во светот на книжевноста и ќе ви ја разбуди желбата за голтање на уште една приказна.
Кога дознав дека постои ова место решив да го посетам уште истиот ден. На ридот Гелерт, именувам по светец, кој бил тркалан по ридот се наоѓа мала пештера го голем крст над неа. Некогаш дом на свештеник, денеска претставува религиозен објект воден од група на монаси.
А кога сме кај музеите, покрај Унгарскиот национален музеј и Меморијалниот центар на Холокаустот, постојат уште неколку примамливи концепти кои барем мене ми го имаат привлечено вниманието. Еден од нив е Музеј на флипери, кој е сместен во подрумски дел на една зграда и секојдневно претставува збирно место на луѓе кои се занесени по некогашните пинбал-флиперите.
Од историјата знаеме дека Унгарија била озлогласена поради бруталноста за време на нацистичкиот и советскиот режим, па не ме чуди што Будимпешта е токму дом на едно такво сеќавање. Terror Háza или музеј на мачениците и убиените.
Ако сте љубител на напуштени локации и сакате да ги ловите таквите места, тогаш напуштениот железнички двор Istvántelek, ќе ви ги надмине очекувањата. Надвор од Будимпешта ќе најдете простор каде се сместени преку 100 локомотиви, распаднати и заборавени во минатото. За некои се смета дека во нив биле превезувани затворениците во Аушвиц. Морбидно, зарем не?!
Како за крај следува и се напиеме нешто, па For Sale Pub e еден од најнеобичните локали што ги имам посетено до сега. Освен што ќе можеш да си ја згаснеш жедта со пиво или палинка, тука можеш и да оставиш трага од себе. Целиот паб е пренатрупан со визит картички и листови од случајните минувачи, кои во вид на цртеж, натписи, поезија го имаат засведочено нивното присуство во оваа уникатно место.
Иако листата може да продолжи до недоглед, сепак нека остане нешто скриено и за следниот пат.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело