Спој на природа и авантура - 3 села во Европа кои треба да ги посетите
Понекогаш, за време на нашите патувања, треба да направиме отстапки. Наместо да одиме да ги посетиме извиканите локации, кои се наменети само за туристички очи, добро би било да шетнеме низ маалата и уличките каде живеат локалците, каде најдобро може да се препознае животот и навиките на мештаните.
Или наместо да главиме по големи метрополи, да се моткаме низ метроа и трамваи, да се направи промена и да се посети некое рурално место, некое село, кое дополнително ќе нé инспирира и ќе ви овозможи поинаков пристап за државата во која се наоѓате.
А освен тоа, природата и тоа како пријатно ќе влијае врз вас.
Во продолжение следува листа на интересни селца низ Европа, кои се лесно достапни, а истовремено и неодоливо примамливи.
Bibury, Англија
Англиско селце кое е неверојатно за истражување. Доволно е да ги видите фотографиите на интернет за веднаш да посакате да сте таму.
На дваесеттина километри од Cirencester, ова инспиративно место е познати по своите камени куќарки со стрмен кров изградени во 17 век, а местото каде се наоѓаат овие куќарки е именувано како Arlington Row.
Без сомнение, Bibury ќе ви овозможи едно поинакво патување, кое налик на филм ќе ве пренесе во руралниот живот во Англија.
Soglio, Швајцарија
Кога за прв пат слушнав за Soglio, веднаш ми падна мислата дека ова е некој портал до рајот. И до ден денес го мислам истото. Блиску до границата со Италија, ова е село на Швајцарските Алпи со помалку од 200 жители, од кои мал дел се странски државјани.
Место за авантуристи, планинари и луѓе кои сакаат да ги откријат убавината на скриената природа.
Marzamemi, Сицилија
Листава не може да помине без некое село на Сицилија. Marzamemi во принцип е рибарско село, така што во секој момент може да се гостите со свежа риба и морска храна.
Но, освен што ќе го имате овој благодат, можноста да бидете дел од едно селце со егзотичен изглед е моментот од кој ќе црпите големо задоволство.
Ако некогаш го посетите ова место кое на времето било изградено од рибари, ќе се соочите со калдрмисани и тесни улички и површини каде може да го набљудувате длабокото сино море.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело