Авантура долга 2.000 километри - Од Куманово до Истанбул со автомобил и куче
Уште еднаш сфатив дека спонтаните одлуки донесени во животот, остануваат најдлабоко врежани во мене. Не планирав никакво патување во следниот период. Веројатното сé уште бев под силни импресии од претходниот месец, од работните обврски што ги имав во болницата за птици во Хортобај, од пропуштениот лет на релација Москва-Дебрецин, од интересните луѓе што ги запознав таму...
И така, одеднаш, дури размислував и се предизвикував себеси да се стационирам на домашен терен, ме посети Лука, пријател од Италија, кој патуваше заедно со своето овчарско куче Фил.
Го прошетав низ Куманово, тргнавме и до селото Куклица, попат му ја раскажав и легендата за проколнатите младенци. До тогаш ништо не навестуваше дека наредното утро заедно ќе се упатиме за Истанбул. Ни требаше токму час-два да ја донесеме одлука и решително да издејствуваме за реализира на идејата.
Немавме потреба од многу подготовки. Ја преспавме ноќта и штом денот гласно се огласи пред нас, тргнавме, подготвени за нови доживувања и истите да ги споделиме со блиските луѓе на нашите на инстаграм профили: @evgenij.houp и @lucapise.
Претходно, никогаш немав патувано заедно со животно, а уште помалку да бидам 24 часа со него, та ми беше чудно дури да се навикнам на неговото друштво. Негодував на сите влакна кои ми се лепеа по алиштата или ми заскитуваа во уста.
Но, ова беше само првиот ден, пред да сфатам во вистинска смисла што значи да се патува со овчарско куче. Да допрам до оној спокоен поглед желен за игра и чувството на верба што само кај него можев да го препознам.
Првата ноќ кампувавме во близина на Кавала, направивме скромна вечера од компири, пиперки и кромид на скара и уште еднаш се уверив дека нема поубаво чувство кога ќе те разбудат звуковите на морските бранови. Немаше жив човек, само отсјајот на месечината, ѕвезденото небо и тишината на заспаните животни.
Кога се разбудивме, сфативме дека ни го нема клучот од автомобилот. Буквално испари или поточно го изгубивме. Во наредните два-три часа ја прекопавме целата плажа, мислам дека секое зрнце песок ни помина низ дланките за на крај го најдеме затрупан на неколку метри од шаторот.
Непосредно пред стемнување влеговме во Турција. Пасошката контрола беше пропратена со врескање од страна на турската полиција додека ни го бараа зелениот картон, кој го немавме, па моравме да го купиме на граничниот премин. Одамна немав почувствувана таква мешавина на страв и исполнување што се соочувам со нешто неискусено.
До Истанбул имавме уште 300 километри, а само еден час дневна светлина, па затоа решивме да најдеме безбедно место за кампување пред сосема да се смрачи. Ниту јас, ниту Лука сакавме да се движиме на непознат терен, без да знаеме каде точно се наоѓаме, па затоа шаторот го поставивме покрај една водена површина, која повеќе потсетуваше на мочуриште, отколку на езерце со неколку дрвени кајчиња.
Немавме ориентација каде се наоѓавме, и дали воопшто беше безбедно. Решивме да ризикуваме, со верба дека нема да бидеме забележани од мештаните.
На неколку километри имаше рибен ресторан, каде што отседнавме неколку часа пред спиење. Кога поминувавме покрај единствената кооперација, испитувајќи го местото, десеттици мажи со пиво в раце се ѕвереа во нас, како да бевме паднати од Марс. Штом се вративме кај шаторот, веднаш се напикав во вреќата за спиење, подготвен да сонувам.
Ноќта беше тивка, пропратена со лаење на селските кучиња и шушкање на високата треба. Кога се разбудивме не дочека сивило и облаци кои тежеа, небаре секој миг можеа да се истурат врз нас. Тоа беше доволен показател да се спакуваме и да продолжиме спрема Истанбул, каде се претопивме во лудиот сообраќаен метеж на градот.
Најдовме сместување преку кауч-срфинг и домаќинот, на кого очи не му видовме, ни го остави клучот и ни го довери станот, додека тој беше надвор од градот. Бевме сместени до метро станицата Левент 4, така што слободно можевме да се движиме низ пространиот Истанбул.
Единствениот проблем беше, ако воопшто може да се класифицира како така, што во станот немаше топла вода, па моравме да грееме вода во електричен чајник, смесата да ја пресипуваме во кофа и да се посипуваме.
За тие неколку дена, колку времето ни дозволуваше, ја посетивме уникатната Капали чаршија, еден од најстарите и најголемите покриени пазари во светот. Плоштадот Таксим со неговите бројни ресторани, продавници, барови, алтернативниот кварт во Караќој...
Можеби немавме можност да крстарирме со брод по Босфор, и да уживаме во панорамата, но патот нé одведе во Султан Ахмедовата џамија, попозната како Сината Џамија, која беше преплавена со туристи.
Шпартавме од еден до друг крај на градот, зошто во јавниот превоз не можевме да се возиме со куче, освен во метро, каде Фил моравме да го затвораме во транспортер. Турците, и старите и младите, се плашеа од него, а останатите улични куќиња се моткаа околу нас и не следеа цело време.
Баклава со фстаци и ореви, сутлијаш, кадаиф, локуми. Немаше од што не пробавме.
На турско-бугарската граница се задржавме три часа. Веројатно изгледавме сомнително, па граничната полиција, која грубо се однесуваше со нас, не примораа автомобилот да го ставиме на скенер, мислејќи дека ќе најдат наркотици или шверц на ајвар! Само не измачија да извадиме сé од багажникот и да дремеме за ич ништо. Тоа беше буквално epic fail за нив!
Дури на полноќ пристигнавме во Софија, имавме сместување во студентски дом, каде вратарот не сакаше да не пушти заедно со Фил, па кутрото животно го напикавме во патнички ранец и на тој начин го прошверцувавме во собата на пријателите.
Немавме многу време за губење, само преспавме и без да шетнеме низ Софија се упативме спрема Македонија. Лука за неколку дена, поради работните обврски мораше да се врати во Тренто.
Попатно свративме на домашен ручек во Куманово. Одморивме неколку часа, а тој заедно со својот верен пријател Фил продолжија до нивната цел.
И двајцата имавме потреба да здивнеме, пред повторно да го запалиме асфалтот зад нас.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело