Капали чаршија во Истанбул и нејзините вкусови, мириси и бои
Замислете да се наоѓате во еден од најголемите и најстарите покриене пазари во светот, што прво би купиле? Пазар со дури 61 улица и преку три илјади продавници и сето тоа сместено во 12 огромни згради со 22 порти.
Можеби ви звучи неверодостојно, но токму горенаведените податоци се однесуваат на Капали чаршија во Истанбул.
Минатата недела, кога веќе се наоѓав во Цариградските ѕидини не ми преостануваше друга можност, а да бидам искрен, и не сакав да ја пропуштам шансата да зачекорам низ оваа толпа од луѓе и да ги полудам сетилата.
Добро познато е тоа што тезгите се групирани според видот на стоката што се продава, а верувајте, може да најдете ама баш сé што ќе ви падне на памет.
Од накит, керамика, зачини, теписи, алишта па сé до светско-познатите турски десерти.
На десертите најмногу и ќе се задржам, зошто сосема бев вознесен од вкусот, боите и мирисите што ме опкружуваа.
Би почнал од турската баклава, мене лично онаа со фстаци ми е повкусна од онаа со ореви, ама и на окото е попримамлива. Веројатно е до зелената боја. Тука е и кадаифот, кој понекогаш знам да го изедам во преголеми количини и да се „удавам“ во шербетот.
Токму во една од продавниците во Капали чаршија го пробав највкусниот кадаиф. Деликатесниот локум со мед е сосема друга приказна кога станува збор за турската кујна.
Каде и да се завртев ги имаше насекаде, во најразлични бои, форми - од најобични, со кокос, ореви, со сушено овошје, па сé до оние со мирислива розова вода.
Колку што успеав да прочепкам, Капали чаршија е една од најпосетуваните туристички атракции во светот, па нема ни да ме чуди кога стотина илјади луѓе се моткаат наоколу секој ден.
Ако патот ве носи во Истанбул, немојте да заборавите да ја посетите оваа несекојдневна и примамлива локација.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело