3 помали градови низ Европа, за кои вреди да ја „жртвувате“ посетата на големите метрополи
Сите сме фасцинирани од Амстердам, Париз, Берлин, Мадрид, Барселона и други огромни метрополи кои се наоѓаат во Западна Европа, но ретко кога се имаме запрашано што е тоа што се крие на источниот и централниот дел од Европа.
Веројатно сите заштедени пари и слободни денови би ги посветиле да прошетаме низ оние топ туристички дестинации, но ако си дадеме шанса за нови доживувања и проширување на нашите видици, тогаш помалите градови од Европа можат добро да ни дојдат.
Не само што се поевтини, туку и културно се богати, така што нема да погрешиме ако некогаш се решиме за слични отстапки.
Дебрецин или градот на студентите
Можеби е малку понастрана од Будимпешта, но вториот најголем град во Унгарија и тоа како вреди да се прошета. Ден-два се навистина доволно за една кратка екскурзија низ Дебрецин, кој ќе ви ја открие другата страна на унгарското општество.
Református nagytemplom е централната точка во градот и е една од најважните протестантски цркви во Унгарија, изградена во 19 век во неокласичен стил.
Плоштадот Кошут е место за многу културни збиднувања, а ако сакате да овековечите еден поразличен пристап од градот тогаш мора да го посетите универзитетскиот кампус на Дебрецин и да се запознаете со бројните ерасмус студенти од целиот свет.
Кошице или Европскиот град на културата за 2013 година
Велат дека просторот каде што се наоѓа Кошице бил населен уште во праисторија. Најголемиот град во источна Словачка зад себе крие една долга низа на важни историски настани кои од него направиле она што е денеска.
Ремек делото на готичката архитектура – катедралата Света Елизабета, капелата на Свети Михаил, изградена во прва половина на 14 век, замокот Кошице и ред други знаменитости ќе ви го одвлечат вниманието за време на вашиот престој.
Во секој случај, покрај сите културни и уметнички дефиниции, овој град ќе ви обезбеди и загарантирана забава. Не грижете се!
Краков или градот на музеи и театри
Да се оддалечиме малку од Варшава и да го истражиме Краков. Мислам дека секое годишно време одговара за да се стапне на улиците на овој град. Ако се двоумите од каде да започнете, тогаш јадрото на градот или главниот плоштад со интересни ресторани е вистинската почетна точка.
Во непосредна близина се наоѓа базиликата Девица Марија, потоа Вавел ридот, познат по Кралскиот дворец и гробниците на старите кралеви на Полска, рудникот на солта Велицка... листата е навистина долгa.
Ако емотивно сакате да се надразните, тогаш заминете 50 километри надвор од градот и посетете го Аушвиц.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело