Libreria Acqua Alta во Венеција, книжарница каква што сите сакаме да посетиме
Многумина од нас ја имаат посетено Венеција, некој е заслепен од романтичното пловење на гондолите, а некој е згрозен од реата на каналите и уличките.
Е па, токму таму, или да бидам попрецизен, на Campo Santa Maria Formosa се наоѓа едно катче каде вљубениците на книгата би останале цел ден.
Libreria Acqua Alta е книжарница за големи и мали деца, за верните читатели, за поединците кои книгите ги користат како додатен елемент на Инстаграм фотки...
Libreria Acqua Alta е книжевен простор сам по себе и ги отвора вратите за сите оние кои сакаат да ѕирнат во неговите одаи и да набават некоja стара или новa книга.
Оваа книжарница во самиот епицентар на Венеција слободно може да се вметне во листата на најубавите книжарници во светот. И самите може да се уверите во тоа, доволно е да стапнете и да го почувствувате мирисот на старите и ретки изданија, кој уште веднаш ќе ве направи носталгични по илјадниците светови што постојат непосредно околу вас.
Тука се и ѕидовите од книги, списанија, мапи и други дрангулии кои од навидум обичен локал, создаваат доживување. Токму поради поплавите, кои од време-навреме знаат да ја „стрефат“ Венеција, книгите се сместени во кади, во водоотпорни сандаци или пак во гондола.
Ситните, навидум, невидливи деталите ја прават оваа книжарница да изгледа поразлично од другите. Во случај ако букнете од преголем занес за читање, слободно може да скокнете во каналот преку вратичката во случај на опасност, мислам дека освежени ќе може да се стабилизирате.
Како и да е, ако вашата следна дестинација е Венеција, покрај сите знаменитости дајте си себеси дваесеттина минути и посетете ја Libreria Acqua Alta.
Во случај ако не може да ја најдете, тогаш консултирајте се со Гугл, тој секогаш знае сé.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело