Сè што треба да знаете пред да тргнете на кампување
Пред да решите дека ќе кампувате треба да бидете начисто дали го сакате тоа или го правите поради мнозинството од друштвото. Тоа е всушност најважното.
Сосема е нормално некој да обожава кампување, а друг да не може да замисли таков тип на одмор и сечија желба треба да се почитува. Но, доколку некако решите да тргнете на ваква авантура, потребно е и да знаете што правите таму. Кампувањето е многу повеќе од будење во природа со песна на птиците.
Позиција
Многу е важно да изберете каде ќе го поставите шаторот или приколката. Најчесто, камповите покрај море се всушност во шума, затоа што треба да внимавате во најголемиот дел од денот да бидете под сенка.
Во шатор или приколка нема услови да поставите клима-уред за спиење, а воопшто не е пријатно да спиете во многу загреан шатор.
Инсекти и други животни
На ова треба да бидете и повеќе од подготвени и тука не мислиме само на комарци и муви. Распрашајте се дали често се појавуваат змии во делот каде планирате да кампувате.
Бидете подготвени да се сретнете и со гуштери, пајаци, ежеви и други животинки чиј дом е природата. Доколку ова не можете да го поднесете, тогаш не одете на кампување.
Секако, неопходно е да набавите спреј против комарци и инсекти и да научите и по некој природен начин за справување со нив.
Домашна аптека
Секогаш имајте доволно лекови против болки во стомакот, против главоболка и против алергии. Може да се случи кампот да е подалеку од првото населено место во кое има аптека и амбуланта и доколку се случи нешто, првата помош ќе помогне болниот безбедно да се однесе во ординација.
Многу конзервирана храна
Во нормални услови ја избегнувате ваквата храна во широк лак, но кога сте на кампување, не можете да се потпрете на ништо друго. Секако, има нешто интересно и во притоплувањето на конзервирана храна на оган или печење на штотуку уловените риби.
Сепак, доколку повеќе сакате да седнете во ресторан или да имате повеќе избор од свежа храна во фрижидер, кампувањето дефинитивно не е за вас.
Ограничен избор на облека
Во шаторот или во приколката не можете да го носите целиот плакар и сите шминки и козметики. Всушност, ќе треба да се навикнете на импровизиран туш или на услови во кои не секогаш имате топла вода.
Понекогаш можеби и ќе поминат два до три дена додека да го пресоблечете фустанот кој го носите, токму поради тоа што не можете да носите преголеми куфери.
Проблемот со личната хигиена
Големи се шансите дека некогаш ќе треба да измиете заби со вода од шише или дека ќе треба да се потурате со кофа за да се искапете. За некои ова е авантура, а за други тортура.
Доколку спаѓате во втората категорија, не ризикувајте, дури и по цена целото друштво да е отидено на одмор во камп.
Од друга страна, ако сепак решите да ризикувате, по ваквиот одмор сигурно со повеќе почит ќе гледате кон своите кревет, перница и топлиот туш откако ќе се вратите. Сепак, на вас е дали да одите или не.
Најважно од сè кога сте на одмор е секако, да се одморите. Другото е споредно. Доколку се мачите, тогаш сигурно нема да се вратите одморени. Затоа, проценете ги предностите и недостатоците и изберете го одморот кој ви одговара повеќе.
Е. Д. | Црнобело