Како патувањата надвор од Македонија да ве чинат помалку и да ви траат подолго?
Посакувам да посетам што е можно повеќе држави во светот, но свесен сум дека секое стапнување надвор од Македонија чини и за брзо време може да ми ја проголта целата заштеда. Токму поради таа причина, решив да се препуштам во истражување и експериментирање на тоа како моите патувања можат да траат подолго.
Сега нема да зборувам за автостоп, мислам дека доста имам кажано за оваа тематика, но постои една друга и поевтина опција што ја имам сретнато низ Европа. Станува збор за страницата www.blablacar.com, која во моментот е активна во 22 европски држави.
Приказната зад оваа интернет платформа е многу едноставна. Возачите кои патуваат сами на подолга релација ја објавуваат рутата на страницата каде други луѓе се пријавуваат да дојдат заедно со него, на тој начин што сите заедно учествуваат со одредена сума на пари. Многу поевтино од друг вид на транспорт.
И да, безбедно е. Нема потреба да се грижите што ќе се возите заедно со непознати во ист автомобил.
Верувам дека многумина од вас имаат слушнато за www.couchsurfing.com – интернет страницата која овозможува бесплатно сместување насекаде низ светот. Но да се разбереме, тоа е многу повеќе од само ноќевање и искористување на нечиј кревет. Целта секако не е бесплатното сместување и желно очекувања на полупансион.
Главната придобивка на веб-сајтот е запознавање на нови луѓе, дружење и впуштање во интересни активности кои на секого ќе му помогнат да излезе од познатиот терен. Да се откријат животните навики на мештаните од местото каде што го посетуваш и да се измеша со тој свет е значителна придобивка од која сите може да станеме побогати.
И последната платформа од листата е www.workaway.info, која веќе со години е актуелна и има милиони корисници. Оваа заедница на слободоумни луѓе имаат за цел да споделуваат добра со патувачи кои додека се наоѓаат на нивните патувања да придонесуваат за општествата во кои се наоѓаат. Или ако се поедностави ова би звучело вака.
Работиш четири-пет часа главно во рурални средини, но има и многу егзотични и урбани опции, и за возврат добиваш сместување, храна и можеби, некој скромен џепарлак.
Како и да е навистина е кул и секој млад човек треба да ја испроба оваа волонтерска можност.
Ако сметате дека би се пронашле себеси во некои од овие активности, тогаш не пропуштајте ја можноста да се испробате и надополните. Среќно!
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело