Ново доживување на вашите патувања - Наместо со шатор, патувајте со лулка
Во последниот период гледам дека многу луѓе од Македонија решаваат да го следат својот авантуристички дух, заминуваат на патувања, за кои претходно не се осмелувале или едноставно се препуштаат во планинарски експедиции што им овозможува почист допир со реалноста.
Многумина за слични пригоди земаат шатор, како скровиште и место за спиење, но постојат и други решенија, на пример - лулка. Мислам дека ова звучи уште пооткачено, но истовремено и плени со побогато искуство.
Едноставна за употреба, лулката повеќе и повеќе зазема дел од задолжителна опција за време на патувањата. Секако, за оние каде финансиските трошоци се ставени во позадина, а на преден план се испречуваат доживувањата што самото движење ги овозможува.
Буквално, можеш да заспиеш каде и да посакаш. Доволни ти се само две стабилни стебла и ништо повеќе, а освен тоа лулката и не зафаќа посебно место во ранците, така што лесно може да се напика во некоја преграда.
Ваквиот начин на преноќување е идеален за на диви плажи, покрај море и пространа водена површина каде исполнето ќе го гледаш заоѓањето на сонцето, или на планина, каде раѓањето на новиот ден и ранобудните звуци ќе те воздигнат на едно повисоко ново.
Секако дека временските услови треба да бидат поволни, по можност без дожд и многу ветер. А така, закачен на дрвја после напорно пешачење можеш да си ги оптегнеш нозете и додека сé уште има дневна светлина со книга в раце да си поминеш час-два во уживање.
Животот е краток за премногу да мечтаеме, затоа вреди да се испроба и прошири нашиот свет, да си дадеме на себе да го спознаеме непознатото и од него да создадеме лично искуство.
Само на тој начин може да се нурнеме во нашиот внатрешен океан и исполнето да постоиме. Секогаш!
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело