Куфер vs. рачен багаж: Трикови за полесно пакување при патување со авион
За да немате стресови со контролата пред влез во авионот, најдобро е да внимавате на одредени работи при пакувањето.
Дали секоја година се соочувате со истиот проблем – премногу работи и куферот едвај го затворате? За да си ги скратите главоболките при пакување за годинешниов летен одмор треба мудро да селектирате што ви е неопходно.
Направете листа што ви е навистина потребно, а што не и патентот на вашиот куфер ќе лизга без мака.
План за пакување за патување со авион:
Документи и картички
- Документите и банкарските картички ставете ги во рачниот багаж и не делете се од нив. Пасошот е задолжителен, а возачката дозвола доколку планирате да изнајмите автомобил.
- За да бидете мирни во печатена форма земете ги и авионските билети и резервацијата за хотелот во кој ќе престојувате. Но, и копии на вашиот телефон ќе бидат доволни.
- Оставете ги дома сите картички за попуст во маркети, здравствената електронска картичка и картичката со која се куцате на работа.
- Сликајте го пасошот со телефон за итна ситуација во случај на губење.
- Земете си водоотпорен несесер во кој ќе ги чувате документите, ќе ви послужи и за чување на парите и телефонот кога сте на плажа.
Прва помош и осигурување
- Лекарствата ставете ги во рачниот багаж и ако е потребно понесете го и рецептот од доктор како доказ.
- Со себе задолжително земете лекарства против алергии, аналгетици, јаглен, ханзапласт, памук итн.
- Внимавајте на некои антибиотици и лекарства за спиење, кои може да се легални во една земја, а нелегални во друга.
- Сите лекарства во авионот мора да ви бидат во оригиналното пакување.
- Во авион не смеете да носите топломер со жива, подобро купете електронски.
- Пред патувањето задолжително извадете си осигурителна полиса, бидејќи во случај да имате некој здравствен проблем, кражба или губење на багажот, таа ќе ви биде од корист.
Технологија и мапа
- Телефонот и другите гаџети ставете ги во рачниот багаж. Исто така и полначот и екстерната батерија.
- Освен ако не сте блогер или фотограф, најдобро е професионалниот апарат да го оставите дома.
- Нема потреба од печатени мапи и водичи за земјата во која патувате, затоа што вашиот паметен телефон е универзален помагач кој ќе ви помогне во сè. Симнете мапи и апликации кои функционираат офлајн и ќе имате помош за локациите, курсот на валутата, пронаоѓање на билети за сите видови на транспорт итн.
Козметика
- Козметиката и предметите како сет за маникир, машинка за депилација и слично ставете ги во куферот.
- Со вас не мора да земате четка за заби, дезодоранс, пена за бричење, гел за туширање и шампон затоа што можете да купите на местото каде патувате.
- Но, ако земате сите шишиња треба да бидат спакувани во затворена транспарентна торбичка и кога ќе минувате кај контролата на аеродромот мора да бидат извадени од куферот и да поминат посебно на скенер.
Предмети за на плажа
- Сите предмети за на плажа ставете ги во куферот.
- Не заборавајте да ги понесете костимот за капење, сандалите за на плажа, очилата за сонце.
- Размислете дали да носите од дома огромна туба млеко за сончање или да си купите на лице место. Исто така и за пешкирите, кои може да ви следуваат од хотелот во кој отседнувате.