Како да патувате секаде без да потрошите многу пари?
Сите сакаме да патуваме и постојано да истражуваме нови градови и места за кои само сме мечтаеле.
Но, многупати остануваме само на мечтаење. Една од причините за тоа е што такво патување чини многу, а не секогаш секој може да си го дозволи.
Доколку сепак сте се одлучиле за одмор и патување на некоја необична дестинација, а притоа, не сакате таму да потрошите многу пари, следете ги следниве неколку совети и уживајте во одморот.
1. Планирајте го одморот
Ако се одлучите за некоја нова и непозната дестинација, немојте да одите „на слепо“. Претходно добро истражете на интернет сè што можете за местото, барајте туристички блогови и читајте коментари од посетители.
Секогаш бидете подготвени за да не бидете излажани за нешто или пак да треба непотребно да плаќате многу за некои работи. На пример, локален превоз, храна, продавници, ресторани итн.
2. Купете карти порано
Ова посебно важи за авионски карти. Има огромна разлика во цените, во зависност од тоа во кој период ќе ја купите. Распрашајте се добро или истражете сами и поминете си поевтино барем во тој поглед.
3. Штедете на багажот
Ова исто така важи за авионскиот превоз. Доколку немате дополнителен багаж, можете да поминете со многу помалку. Нема потреба да носите по неколку куфери. Обидете се да се спакувате рационално во голем ранец и тоа ќе ви биде доволно – посебно за летни патувања, кога облеката е лесна и тенка.
4. Не ви требаат хотели
Зошто мора да бидете сместени во хотел? Доколку сте љубител на луксузни хотели, тоггаш прескокнете го овој дел. Но, во спротивно, ви препорачуваме да обратите повеќе внимание на хостели или на приватни сместувања кои можете да ги најдете на интернет.
Цените се многу поевтини, а на вас не ви се потребни луксузни соби, бидејќи сте отишле за да шетате, а не да бидете затворени.
5. Совети за храната
Запознајте се со локалната кујна и немојте да ја трошите цела плата на храна. Најважно што треба да запамтите е да не ручате во ресторани кои се во центарот на градот или во близина на туристички атракции. Таму ќе поминете најскапо, а не мора да значи дека ќе вреди.
6. Заштедете на локален транспорт
За ова има лесно решение – едноставно изнајмете велосипед. Наместо да плаќате „луди“ цени за изнајмување на автомобили, па потоа да заглавувате во гужви низ градот и дополнително да плаќате паркинзи, решете си го проблемот на едноставен начин.
7. Избегнувајте да трошите на главните туристички места
Секако дека сите сакаат да се сликаат на најпознатите туристички атракции во градовите и тоа дефинитивно треба да го направите. Но, нека остане само на тоа. Немојте да купувате секакви ситници или храна и пијалаци во близина на нив.
8. Заштедете и на туристички агенции во градот
Со сите претходни совети, веројатно сфативте дека можете сами да си го организирате патувањето, доколку малку се потрудите. Нема потреба да плаќате и за тоа.
М. М. | Црнобело