Летечки појадок, златни колбаси: Што сè може да се нарача во луксузните хотели?
Ви ја откриваме листата на атрактивни и необични оброци, што на богатите туристи им се достапни на менито. Не сме сигурни дали е хедонизам или „перверзија“ во прашање, но навистина би посакале да се најдат и во нашата соба.
И богатите плачат, но тоа го прават „тажејќи“ во гламурозен базен на хотелски комплекс во Бали, каде батлерот им подготвува бранч на пловечка тацна.
Поради парите или престижот, хотелите сè повеќе ги поместуваат границите кога се услугите во прашање, излегувајќи им во пресрет дури и на „најбезобразните“ барања на своите клиенти.
Знаете ли што сè може да нарачате за оброк во луксузните хотели? Еве неколку предлози:
Пловечки бранч со шампањ
Туристите кои престојуваат во одморалиштето „Ayana“ на Бали, имаат привилегија да уживаат во еден навистина посебен бранч, и тоа потполно бесплатно. Имено, одморалиштето им подарува пловечки бранч со три оброка и шампањ на сите свои гости, што батлерот го подготвува, додека тие се разладуваат во базенот, кој пак, е составен дел од самата соба.
Сет за уредување на колачиња
Во хотелoт „Bel-Air“, пак, може да бидете креативни за време на појадокот или ужината, доколку си нарачате сет за украсување колачиња во собата. Во пакетот ќе добиете бисквити, шлаг крем, глазура и прехрамбени декорации. Убаво, зар не?
Златни колбаси
Колбас е колбас, но не е луксузен додека не го нарачате во хотелот „Adlon“ во Берлин. Тука, главниот готвач ќе ви приготви крцкави компирчиња и колбаси со кари, какви уште немате видено. Зошто? Бидејќи доаѓаат покриени со јадливи ливчиња злато.
Појадок во балон
Можете ли да замислите поубав појадок од оваа кошница полна со печива, што лебди над гостите во балон? Одлично осмислениот пакет од хотелот „Four Seasons“ во Сент Луис чини „само“ 250 американски долари.
Сладолетчија со комплетна опрема
На ваквата понуда најмногу ѝ се радуваат децата, но нема сомнеж дека и мноштво возрасни сладокусци ја нарачале оваа услуга додека сами престојувале во собата. Во хотелот „Four Seasons“ во Чикаго, возможно е да се нарача сладолетчија, кој доаѓа опремен со ладилник со различни вкусови на сладолед, како и бројни прилози, по што пред самите гости им подготвува сладолед куп, креиран според нивните желби.
М. А. | Црнобело