Трули - италијански куќички како од сказните (фото)
За сите романтичари и вљубеници во историјата, престојот во една од овие чудесни куќи ќе биде незаборавно искуство.
Доколку сакате да престојувате во древна историска градба, чија необична архитектура неодоливо наликува на колиба од сказните, тогаш задолжително посетете го Алберобело, малото место во Италија, каде може да отседнете во некоја од куќичките наречени трули.
Со конусни покриви и изградени од варовник, ваквите чудесни куќички се карактеристични за покраината Апулија. Во минатото, служеле како складишта и привремени засолништа на полињата, или, пак, во нив и живееле земјоделците и работниците, а денес претставуваат популарна туристичка атракција. Поради тоа, многу од нив се обновени, а и ден-денес се користат за различни намени.
Куќичките на фотографиите се реновирани под водство на компанијата „Azzura Garzone Architects“, а притоа биле користени само традиционални материјали. И нивната внатрешност е во хармонија со традицијата, а опремени се со внимателно избран мебел што го изработуваат локалните мајстори и занаетчии.
Дел од нив може да се изнајмат, па така, туристите имаат прилика да отседнат во автентично историско здание. Одличен избор се за сместување во жешките летни дни, затоа што дебелите камени ѕидови одржуваат пријатна температура во просторот, а нивниот кокетен изглед ви гарантира навистина несекојдневен престој.
Би преноќиле ли во една ваква куќичка? Погледнете ја галеријата и споделете ги вашите импресии:
М. А. | Црнобело