Шангај ја слави пролетта на волшебен начин (фото + видео)
Во чест на доаѓањето на пролетта, уметникот Мигел Шевалие креираше три магични цветни инсталации во срцето на кинеската метропола.
Сместени до поранешната резиденција на претседателот Мао Це Тунг, плоштадот, тунелот и стаклените мостови во центарот на Шангај сега се исполнети со виртуелни цветови во светли, живи и флуоресцентни бои.
Како комбинација, сите три проекции претставуваат своевидно уметничко доживување на смената на годишните времиња.
„Тие ги ставаат посетителите во самото срце, јадро или сржта на природата, во интригантниот и поетски ботанички универзум, односно на место кое се наоѓа помеѓу сонот и јавето.“ - вели авторот на ова ремек-дело.
По зајдисонце, сите туристи и жители на кинеската метропола имаат ретка можност да уживаат шетајќи низ дигитална „градина“ со најубавите мотиви на пролетта.
Додека чекорат низ плоштадот, тој постојано се трансформира под нивните нозе, со наизменично појавување и исчезнување на цвеќињата и патеките. Другите две монументални инсталации, пак, подеднакво ги дразнат сетилата на минувачите со неверојатната естетика и иновативност.
Прекрасно, зар не? Ве оставаме да уживате во фотографиите и видеото кои најдобро ја отсликуваат волшебната атмосфера во Шангај изминатите неколку дена.
М. А. | Црнобело