8 туристички „гревови“ кои не смеете да си ги дозволите во Италија
Марама и мал речник во чантата, упатства за паркирање, добра мапа и реален план – тоа е вистинскиот рецепт за убаво поминат престој во Италија.
Пред да појдете на пат во прекрасната Италија, добро е да ги запаметите овие осум податоци, избегнувајќи ги грешките поради кои би имале непотребни непријатности, стресови или трошоци:
1. Секое место во Италија има „дуомо“, односно црква, а за да влезете во неа, потребно е да ги покриете голите раменици. Во текот на летото, корисно е дамите секогаш со себе да носат марама во чантата. За мажите, пак, полезно е да знаат дека нема да им биде дозволен влез во Ватикан и на многу други места доколку носат шорцеви.
2. Паркирањето во Италија е секогаш стресна ситуација, па добро е да знаете каде и кога смеете да се паркирате. Казните се големи, а доколку не ги платите во полиција, бидете уверени дека тоа ќе мора да го сторите на граница. Најсигурно е да барате паркинг кој е обележан со сини линии, да платите на автоматот и да го оставите ливчето на шофершајбната. Белите линии означуваат бесплатен паркинг, но ретко можете да ги сретнете. Жолтите линии се наменети за лицата со хендикеп, додека розовите за трудниците.
3. Во принцип, не треба премногу да ѝ верувате на сателитската навигација, бидејќи честопати знае да погреши и да ве упати во погрешна насока, особено на споредните патиштa.
4. Повеќето продавници во туристичките места работат во две смени, освен светските брендови. Тоа значи дека затвораат во 12.00 часот, а повторно отвораат во 16.30.
5. Италијанците не говорат добро англиски, особено на југот од земјата. Поради тоа, корисно е да понесете со себе мал речник со најчестите италијански фрази или да ги научите најупотребуваните зборови, како „sinistra” - лево, „destra” – десно, итн.
6. Оној кој мисли дека за два дена во Рим ќе го види Ватикан, ќе влезе во Колосеумот, ќе се фотографира на Шпанските скали, ќе испие кафе на плоштадот Навона, и згора на сè и ќе направи добар шопинг - навистина е оптимист. Картите за Ватикан и Колосеумот треба да ги снабдите преку интернет или да ги купите со картата за автобусот „hop-on, hop-off“. Редиците се огромни.
7. Тие што имаат намера да отпатуваат во Венеција, не треба ни да помислат на гондолите, освен ако не планираат веридба. Имено, кратко возење со традиционалниот венецијански чамец ќе ве чини од 80 до околу 100 евра, a доколку гондолиерот и запее, цената веднаш „скока“ за милозвучна сума.
8. Кога во ресторанот пишува „локални“ јадења, тоа значи дека служат храна од тој конкретен крај, а не италијанска храна, како мислат повеќето туристи. Така, на пример, локалното јадење во Џенова е песто, во Неапол – пица, во Болоња – болоњезе сос, во Милано – рижото, во Рим – шпагети карбонара, а на Сицилија – паста норма... Во минатото, Италијанците беа шокирани кога туристите ќе им побараа кечап, но денес ќе ве послужат без зајадливи коментари. Сепак, имајте предвид дека мешањето пармезан и морска храна и натаму е грев.
На крај, по сите корисни совети и мали тајни за „безгрешно“ патување во Италија, сè што ни останува е да ви посакаме:
Buon viaggio!
М. А. | Црнобело