20 чудесни дестинации во Европа
Ве каниме на прошетка низ најидиличните места на стариот континент, каде секој поминат миг е вистински празник за сетилата.
Заборавете за миг на популарните Париз, Барселона и Лондон, а дозволете ни да ви откриеме што сѐ друго има да им понуди Европа на сите светски патници и љубители на авантури.
Мали и големи, урбани и живописни, познати и интимни - на нашиот список се најдоа 20 европски дестинации во кои ќе се вљубите на прв поглед. Секоја од нив е различна, но еднакво восхитува со амбиентот и убавината.
Која е вашиот избор?
1. Позитано, Италија
Позитано е мало и колоритно приморско гратче кое се извишува на италијанскиот брег Амалфи. Мами воздишки со архитектурата и шарено бојадисаните фасади на куќите, а спектакуларните гребени кои го опкружуваат и на кои лежи, пак, се совршено место за уживање во зајдисонцето и погледот на синото море.
2. Бриж, Белгија
Бриж е белгиски град со мала површина, но огромен шарм, препознатлив по каналите, културата и чоколадите. Најдобро сочуваниот и најубавиот средновековен град наликува на историски тематски парк. Калдрмените улици во старото градско јадро, чиј дел е прогласен за светско културно наследно, разгранети се околу главниот плоштад, а до најзначајните културни споменици се стигнува пеш за само десетина минути.
3. Езерото Комо, Италија
Ако некогаш сте посакале да побегнете од сѐ, тогаш езерото Комо е совршеното место за вас. Малите околни гратчиња, траектите кои ги поврзуваат, импресивните вили и вкусните локални деликатеси се само мал дел од сѐ она што оваа идилична локација има да го понуди, а што вашето бегство ќе го претвори во искуство за паметење.
4. Чешки Крумлов, Чешка
Чешки Крумлов го зазема првото место на списокот за најшармантни градови во Чешка. Во текот на летото, овој мал град од кој ве дели само краткотраен автобуски превоз од Прага, преполн е со патници од сите краишта на светот. Сепак, без оглед на годишното доба, градот ќе ве воодушеви со својата исконска убавина и пристапност кога и да го посетите.
5. Котсволдс, Англија
Котсволдс претставува група на гратчиња во руралниот дел на Англија, а препознатливи се по тоа што сите куќи и градби се направени од бел варовник. Најдобар период за уживање во живописната убавина на Котсволдс е летото, кога сѐ е раззеленето и преполно со диви животни. Доколку барате мир и тишина, тука сигурно ќе ги најдете, а сенката од околните шуми ќе заштити од летните горештини.
6. Националниот парк Оуланка, Финска
Доколку сте љубители на „Хрониките на Нарнија“ и во потрага сте по место кое ќе биде подеднакво магично како и филмот, тогаш не треба да трагате понатаму. Националниот парк Оуланка во Финска е сето тоа и многу повеќе, особено во зима, кога сѐ е покриено со бела снежна прекривка.
7. Колмар, Франција
Ако, пак, барате град кој е убав како од разгледница, тогаш сликовитиот Колмар е градот за вас. Сместен на источната граница на Франција со Германија, овој град е мешавина на најдоброто од двете земји, фасцинирајќи со француско-германскиот стил на архитектура, култура и гастрономија.
8. Замокот Нојшванштајн, Германија
Европа е полна со преубави дворци и палати, но замокот Нојшванштајн е сигурно најубавиот меѓу нив. Ако отсекогаш сте сакале да отпатувате на место каде ќе се чувствувате како во бајка, овој замок е место каде вашите фантазии ќе станат реалност. Дури ни големиот Волт Дизни не останал рамнодушен на неговата магија, па го искористил како инспирација и основа за сите замоци во своите анимирани филмови.
9. Карпестиот гребен Мохер, Ирска
Ирска е зелена и дождлива земја, полна со гостопримливи домаќини и пиво кое тече во потоци. Повеќето патувачи кои ја посетуваат, најголемиот дел од времето го минуваат во Даблин, што е голема грешка. Доволно е да изнајмите автомобил и да се впуштите во разгледување на прекрасните пејзажи кои воодушевуваат. Еден од нив е и карпестиот гребен Мохер, кој ќе ви го украде вниманието, но и срцето со својата несекојдневна убавина.
10. Алгарве, Португалија
Алгарве е најјужниот регион во Португалија, со сончеви денови во текот на целата година. Иaко се најде на мета на многу светски патници последните неколку години, и натаму освојува со зачуваниот историски шарм и автентичност, но и прекрасните плажи - од осамени заливи со карпести гребени и пештери, па сѐ до широки плажи со златни песоци долж брегот на Атлантскиот Океан. Затоа, ако размислувате за дестинација каде ќе го поминете летниот одмор, дефинитивно меѓу опциите имајте го и португалскиот „скапоцен камен“.