10 најбезбедни земји во светот
Глобалниот индекс на мир (GPI) го мери мирот низ земјите во светот според 23 квалитативни и квантитативни индикатори.
Во изминатата година, Институтот за економија и мир ги мереше безбедноста и мирот во 163 земји.
Резултатите покажуваат дека земјите каде во претходните години владеел мир, успеале да се искачат дури и повисоко на скалата, додека оние со послаби резултати паѓаат уште пониско.
Најопасните земји според овој индекс се Сирија, Јужен Судан и Ирак, додека листата на најбезбедни земји изгледа вака:
10. Словенија
Сместена помеѓу Алпите и Јадранското море, оваа земја е позната низ светот по ски ресортите, глацијалните езера и прекрасните пештери. Главниот град Љубљана беше прогласен за Европски зелен главен град за 2016 година, за грижата кое населението ја посветува на зачувување на природата.
9. Јапонија
Земјата на изгрејсонцето е главна дестинација за многу туристи. Карактеристичната храна, култура и архитектура се работите кои со сигурност ќе ве воодушеват.
8. Канада
Извонредниот спој на многу различни култури, како и недопрената природа се главните адути на оваа земја. Имајќи го предвид фактот дека е една од најбогатите земји на светот, не треба да нè чуди тоа што високо котира и на оваа листа.
7. Швајцарија
Љубителите на зимските спортови ја нарекуваат рај на Земјата, а штом еднаш ја посетите, бидете сигурни дека ќе се вљубите во живописните планини, ледничките езера, средновековните градови и фасцинантните цркви.
6. Република Чешка
Средновековната убавина на Прага, надополнета со богатата историја и традиција се нешто кое ја прави Чешка една од омилените дестинации на туристичките мапи.
5. Португалија
Прекрасните плажи, вкусната храна и одличното вино, се повеќе од доволна причина да сакате да откриете уште што сè оваа земја има да понуди.
4. Нов Зеланд
Ако сте личност со авантуристички дух и би сакале да пробате спортови како банџи, нуркање и скијање на вода, Нов Зеланд е земјата која може да ги исполни сите ваши соништа.
3. Австрија
Земјата на Моцарт и Штраус е одлична туристичка дестинација за секој период од годината. Прекрасната архитектура на Виена, надополнета со луксузните скијачки ресорти на Алпите, се причина што таа е омилена како меѓу обичните луѓе, така и меѓу познатите ѕвезди од шоу бизнисот.
2. Данска
Освен тоа што оваа земја речиси секогаш високо котира на листата на најбезбедни земји, нејзините жители се исто така прогласени и за најсреќна и најдолговечна нација на светот.
1. Исланд
Веќе шеста година по ред, на врвот на Глобалниот индекс на мир се наоѓа Исланд. Земјата нема ниту своја армија, разбојништвата се вистинска реткост, а полицајците не носат пиштоли.
М. С. | Црнобело