Зошто треба да го посетите Париз во ноември?
Како што полека листовите ги менуваат своите бои, така и луѓето декоративните тикви ги менуваат со сјајните мали светла кои ги означуваат зимата и новогодишните празници.
Токму тогаш, бројни патници и туристи се во потрага по место кое е идеално за посета на крајот на есента.
А, тоа место, е Париз.
Како што вели старата песна на Кол Портер, Париз има свој шарм секоја сезона, но според нас, тој е најубав во ноември.
Тогаш дефинитивно нема гужви и турканици, а ноемвриските традиции го прават Градот на светлината совршен за посета.
Летовите се со пониски цени од вообичаено, а ноември е еден од најмирните месеци во Париз, за разлика од месец август кога има најголем број на туристи и потоа за време на Божиќ.
Посетителите во ноември не мораат да чекаат цел еден час за да влезат во Лувр, а затишјето од патници и авантуристи, дава уникатна можност да го почувствувате овој град како вистински Парижани.
Тогаш можете да уживате во греано вино или „грог“ - топол чај со лимон и рум, на терасите и по кафулињата ширум градот.
Свежиот воздух можете да го почувствувате покрај дрвјата на Шанзелизе кои зрачат со црвени, портокалови и жолти нијанси на лисја.
Покрај старите традиции, париските власти неодамна воведоа и низа на нови иницијативи, а една од нив има за цел да ја направи посетата на главниот град на Франција, полесна.
Регионот „Ile-de-France“ кој го вклучува и Париз, од октомври креираше мултијазична програма ширум целиот град, која дава насоки, сугестии и други совети за туристите.
Една традиција која морате да ја погледнете за време на божиќните пазари е „marchés de Noel“ - инсталации кои се поставени низ целиот град каде можете да најдете различни занаетчиски производи.
Овие места се идеални за да купите некоја ситница и дома да ги изненадите блиските со кесички од лаванда која доаѓа од Провансата, солени карамела бонбони и слатки колачи со ѓумбир.
Со доаѓањето на третиот четврток од ноември, во градот пристигнува уште една традиција позната како „Beaujolais nouveau“ - време за дегустирање на различни вина, славење и уживање.
Ноември е време кога туристите можат да земат здив пред новогодишниот хаос во Париз.
Н. Г. | Црнобело