Патувањето е како бактерија - ве „заразува“ и повеќе не сакате да се вратите дома
Го разгледувате светот, пробувате нови работи, запознавате нови луѓе, се заљубувате, посетувате неверојатни места, учите за нови култури - а потоа, сето тоа завршува. Луѓето секогаш сонуваат да си заминат од дома, но што е со денот кога треба да се вратат назад?
Зборуваме за тоа дека додека сте во странство, посебно ако сте на подолго - барате работа, треба да запознавате нови луѓе, да откривате дали можете да им верувате, да ги учите тамошните социјални норми...
Но, сите овие работи како воопшто да не се така тешки како што звучат само заради еуфоријата, убавината на новите искуства и доживувања.
Збогувањата потоа, се тешки, едноставно нема да сакате да си заминете, дури и да сте заминале на пократко патување, но подготвени сте - знаете дека треба да си одите.
Потоа се враќате назад дома и заборавате на сите тажни збогувања и единственото нешто за кое знаете се првите средби со семејството, пријателите и најблиските. Таа слика не ви излегува од глава уште додека сте на автопатот назад за дома или по воздушна линија.
Пристигнувате дома, средбите се случуваат, првите неколку недели ги поминувате во средби со сите членови на семејството, со пријателите, разговарате, раскажувате приказни, се присетувате... Вие сте во центарот на вниманието. А, потоа, сето тоа си оди, си заминува.
Секој се навикнува на фактот дека сте дома и повеќе не сте оној светкав објект кој го гледаат сите со широко ококорени очи.
Потоа доаѓаат прашањата за тоа што планирате понатаму со животот, посебно ако сте биле на подолго заминати - „Што планираш со работа?“. Како да беше лесно да најдете и пред да си заминете.
Седнувате во вашата соба и додека сте среќни што сите се здрави и живи, што имаат нови работни места, што се вериле, што имаат нови момчиња... знаете дека ништо не се изменило. Освен вие. Врескате однатре: „Погледнете ме зарем не сфаќате колку сум изменет/а?“.
И не мислите на тоа дека косата ви е различна, дека сте намалиле некој килограм, дека сте во нова облека, туку мислите на она внатре што ви се врти во главата. Поинаку ги перципирате луѓето, поинакви соништа имате, дури и старите навики ги изгубивте. Среќни сте, но некако се чувствувате изгубени.
Како духот да ви еволуирал, но телото уште да не го прифаќа тоа, посебно затоа што некако како да е приспособено на стариот дом од детството.
Гневни сте. Се чувствувате изгубени. Што тогаш? Постои некакво решение за таа состојба? Како да се научиле некој странски јазик кој никој друг не го зборува околу вас, па не можете да кажете како навистина се чувствувате.
Токму заради ова, кога веќе еднаш ќе пропатувате, сè што сакате да направите е повторно да заминете некаде. Како бактерија ве заразува и повеќе не сте истите тие кои сте биле пред да го подготвите куферот.
Токму тоа е најтешката работа, токму тоа е причината што повторно сакате да си заминете од дома.
Н. Г. | Црнобело