10 егзотични плажи на кои ќе посакате да сте во моментов
Колку и да звучи чудно, сите плажи не се подеднакво убави. Пример, дивите плажи со камчиња се сосема во ред за авантуристите и истражувачите, но зарем би го заборавиле белиот песок и тиркизниот океан, кога би бирале?
Веројатно не, па затоа барем со мислите отпатувајте до 10-те најубави егзотични плажи:
1. Хорсшу, Бермуда
Бермуда е прекрасна во секој нејзин дел, но заливот Хорсшу е една од најубавите и најпопуларни плажи. Лоцирана во јужниот дел од главниот остров, заливот е добро одржувана плажа со тиркизни води и сите погодности кои може да ги замислите. Во зимно време водата знае да биде студена, затоа подобро да одите во топлите летни месеци.
2. Транк Беј, Американски Девствени Острови
Ова е една од омилените плажи за нуркачите токму поради чиста вода и големиот избор на морски животни достапни за набљудување. Дури постои и специјална тура за нуркачи ако сакате да видите што сѐ заливот има да понуди. Само, треба да знаете дека за да влезете во заливот треба да платите 4 долари, но верувајте дека вреди.
3. Сансет Бич, Хаваи
Уште при самата помисла на Хаваи, сите се замислуваме како лежиме на лежалка со коктел во раката и убава песочна плажа околу нас. Ова хит место за сурфери е дом на многу можности за забава, но и за релаксација и за впивање на природните убавини на островот. Ако сте од оние похрабрите, закажете часови по сурфање за да го почувствувате вистинскиот начин на живот на локалните жители.
4. Лонг Бич, Ко Фи Фи, Тајланд
Откако ќе се најадете и напиете во баровите и рестораните во селото Тонсаи, одлична еднодневна посета може да ви биде до плажата Лонг Бич во југозападниот дел од Ко Фи Фи (еден од најпознатите острови во Тајланд). Плажата е релативно напуштена, без голем број туристи и за да стигнете до неа мора да пешачите низ шумата или да се довезете со брод.
Застанете во едно од неколкуте одморалишта или продавници кои се наоѓаат на брегот од плажата и уживајте во пијалаците кои ги нудат тие. Исто така, не заборавајте да нуркате за да не ги пропуштите прекрасните пејзажи скриени во кристално чистата вода.
5. Ел Нидо, Филипини
Оние кои бараат плажа со природна убавина која не е „упропастена“ од туризмот треба да се упататат кон Ел Нидо во палаванската провинција на Филипините. Ел Нидо е познат по варовничките гребени, вода толку чиста и толку сина што ќе се прашувате дали навистина постои и уште многу други можности за истражување. Ако имате време, навратете и до другите палавански острови. Иако не се лесно достапни, ваквиот рај не смеете да го пропуштите.
6. Пенси, Мозамбик
Сигурно сте виделе слики од напуштени плажи со бел песок. Тоа се најверојатно фотографии од островот Пенси кој се наоѓа во Мозамбик. Искористете ги сместувањата во близина на Бенгера или Базаруто, каде може да живеете како кралеви, а сепак ќе бидете блиску до оваа плажа која ќе ви го одземе здивот.
7. Ла Кива, Порторико
На сончев ден, водите на плажата Ла Кива изгледаат како стакло и служат за набљудување на подводните убавини. Нуркачите одат во одредени делови од Виекес, но Ла Кива е попогодна поради уникатниот простор за уживање каде можете да се релаксирате во приватна атмосфера со мал број на луѓе околу вас. Плус, околните хотели и одморалишта се со пристојни цени и нудат голем број поволности.
8. Шол Ист Беј, Ангила
Иако Ангила е дом на безброј прекрасни песочни плажи, Шол Ист Беј е сепак најубавата. Иако понекогаш има голем број посетители, сепак вообичаено има мирна атмосфера. Шол Ист Беј може да се пофали со добри барови и ресторани наредени покрај брегот и плус оваа плажа е блиску до Св. Мартин – што е одлична можност за дневна прошетка.
9. Мана, Фиџи
Поголемиот дел од Фиџи изгледа како од бајките, па затоа е многу тешко да се најде најубавото место, но островот Мана е еден од фаворитите. Овој остров е познат по спа одморалиштата каде можете да уживате во луксузот. А, за да стигнете до него, треба да се качите или во авион или на брод.
Островот се состои од прекрасни бели плажи и кристално чиста вода наменета за лично ваше задоволство. Само запомнете, овие плажи се навистина добро познати и затоа треба однапред да резервирате.
10. Налагураиду, Малдиви
Како и Фиџи, голем дел од плажите на Малдивите се како рај на земјата и навистина не можете да погрешите. Плажата Налагураиду е приватна плажа која е синоним за смиреност и убавина која би ја очекувале од Малдивите. Откако ќе се сместите во едно од одморалиштата на островот, уживајте во сончањето и пливањето во тиркизната вода која веднаш ќе ве освои.
Како и голем дел од местата на Малдивите, релаксацијата е клучна. Малото островче со песочниците нуди уникатно искуство за одмор и уживање во пејзажите додека нема никој, а тоа е прилика која не би сакале да ја пропуштите.
С. С. | Црнобело