Како изгледа замрзнатиот град во Кина оваа година?
Фестивалот на скулптури од мраз и снег ги отвори вратите за сите љубители на смрзнатата уметност.
Традиционално, 32-ри пат по ред, градот Харбин во Кина е домаќин на изложбата од скулптури од мраз која започнува на 5-ти јануари и трае околу еден месец.
Градот Харбин се наоѓа во северна Кина и ако ви кажеме дека просечната зимска температура изнесува –16.8 степени, сигурно ќе ви стане појасно зошто токму тој бил избран за домаќин на ваков посебен настан.
Иако на почетокот фестивалот бил само на локално ниво и учество главно земале Кинези, со текот на годините тој прераснал во меѓународен фестивал во кој земаат учество голем број на земји.
Денес „Фестивалот на мраз“ не претставува само обична изложба на скулптури од мраз и снег, туку и годишен културен настан за меѓународна размена.
Секоја година сè поголем е бројот на експерти, уметници и вљубеници во ледените скулптури од Америка, Канада, Сингапур, Јапонија, Русија, Кина, кои доаѓаат да се натпреваруваат, но и да разменат идеи и мислења во светот изграден од снег и мраз.
М. С. | Црнобело