Како да не ве ограбат додека сте на пат
Најголемиот страв на повеќето кои патуваат е да не бидат ограбени. Постојано се грижиме за тоа дали сме понеле сè со нас и дали сè ќе вратиме назад.
Најголема грижа ни се личните документи и парите кои не сакаме да ги изгубиме уште на самиот почеток од патувањето.
Затоа ние ви нудиме совети како да ги сочувате важните предмети:
Внимавајте на работите додека патувате
Без разлика дали се наоѓате во автобус, авион или воз, работите како пари и пасош не ги оставајте на седишта. Многу лесно може некој да ги „собере“ на поминување. Најважните работи ставете ги во некоја мала торбичка која секаде ќе биде со вас.
Ништо не ставајте во задниот џеб
Најчесто луѓето остануваат ограбени затоа што мислат дека работите во заден џеб им се безбедни, затоа што ако некој посегне по работите ќе осетат. Тоа е најголемиот проблем.
Крадците се толку добро извежбани што вие нема ни да забележите дека некој ве ограбил. Тоа ќе го сторат на суптилен начин, ќе ви помогнат со торбите, ќе ве замуабетат и ќе си го добијат она по кое тргнале.
Затоа носете ги работите во помала торбичка која се закачува нанапред.
Не ги носете сите пари со себе
Кога ќе стигнете во хотелот или апартманот, оставете ги парите во соба. Земете си онолку пари колку што мислите дека ќе ви се доволни, а остатокот ставете го во соба.
Голем дел од луѓето мислат дека ако ги остават парите во соба, некој ќе дојде и ќе им ги украде, а поголеми се шансите тоа да се случи на улица. Затоа оставете го паричникот во куферот меѓу чорапите или козметиката.