„Едно со природата“ – дизајнерското деби на македонската дизајнерка Ана Франгова инспирирано од '70-тите и хипи-движењето (фото)
Ана Франгова е дизајнерка од Македонија која неодамна ја претстави својата прва модна колекција, насловена „Едно со природата“.
Во голема мера инспирирана од седумдесетите и хипи-движењето, Ана се обидува да ја долови убавината на природата, особено изгрејсонцето и зајдисонцето, преку нејзините креации.
„Како и секое дете, сите имаме желби и амбиции да бидеме нешто кога ќе пораснеме, па така мојата желба беше модата. Секојдневното пронаоѓање на винтиџ облека во плакарот на мајка ми придонесе мојата љубов кон стиловите и облеката низ годините да станува се поголема“.
„Кога ја видов рекламата за студирање моден дизајн во Џолев и уметностите, сфатив дека тоа беше знакот што ми е потребен и така почнав да работам на остварување на мојот сон и да почнам да работам на мојата прва колекција“.
„Инспирацијата за мојата прва колекција „Едно со природата“ (One with the Nature) доаѓа од седумдесеттите и хипи-движењето, сето тоа осмислено и претставено на начин на кој денес јас го доживувам. Како голем вљубеник во природата и во спектарот на бои што го создава секое изгрејсонце и зајдисонце, се обидов да ја доловам таа убавина низ боите на материјалите и несекојдневните кроеви на парчињата, кои прават една целина со природата, а сепак се носливи во многу прилики.
Оттаму и произлезе самиот наслов на колекцијата“.
„За впечатокот да биде комплетен, создадов тим за да ја претставам колекцијата официјално пред јавноста. Идејата беше да се долови тој слободен, авантуристички дух од седумдесеттите, желбата за патување, застанување и уживање во природата по пат, кога се собирале луѓето да слушаат музика, да свират, да пеат и да уживаат во животот.
На замислата се работеше долго време за развивање на визијата и постигнување на крајниот резултат. И мислам дека успеавме да го доловиме и прикажеме сето она што го замислував“.
„Во фиока ме чекаат уште еден куп креации бидејќи не можам да си ја зауздам креативноста, но до излегување на следната колекција се надевам дека ќе уживате во оваа“.