Модни трикови кои значително ќе го подобрат секој аутфит
Кога станува збор за мода, не е доволно само да ги купите популарните парчиња или слепо да следите трендови. Мора да одвоите и малку време за комбинирање, но некогаш ова не е најлесното нешто.
Некогаш, пак, можеби ќе направите одлична комбинација, но сепак ќе ви се чини како да ви недостасува нешто. Во тие мигови доволно е да направите некои минимални промени за веднаш да добиете подобар резултат.
Погледнете неколку едноставни модни трикови што ќе ви помогнат во ова:
Правете комбинации со најмалку три парчиња облека
Откако ќе направите комбинација со долен (панталони, здолниште) и горен (маичка, кошула) дел, дополнете ја со уште едно парче облека. Во зависност од комбинацијата, тоа може да биде сако, елек, голема марама, а некогаш и само некое впечатливо парче накит.
Третото парче речиси секогаш значително ќе го подобри изгледот на комбинацијата.
Комбинирајте винтиџ и тренди парчиња
Ако се дотерате само со винтиџ парчиња, ќе изгледате како да сте излегле од некој историски филм. Наместо тоа, правете комбинации и со винтиџ, и со модерни парчиња.
Најдобро е во комбинацијата да додадете само еден винтиџ детаљ, како чизми, чанта или накит.
Кога не сте сигурни за комбинацијата, додајте колан
Ако комбинација ви изгледа „празно“, коланот лесно ќе го реши овој проблем. Со него ќе ги нагласите и облините, а потребно е само да ја одберете вистинската боја.
Наметнете го сакото или јакната преку рамената
Наметнатото сако не само што изгледа одлично, туку и ќе ве натера да одите исправено за да не ви падне. Ова, пак, значително ќе го подобри изгледот на целата ваша фигура.
Додајте контраст
Без разлика дали со бои, материјали или стилови, обидете се да додадете контраст во вашата комбинација. Комбинирајте тексас со волна, мат со светкави материјали, темни со светли бои – едноставно играјте си со парчињата додека не добиете совршена комбинација.
Наместо да ја подврзувате кошулата, ставете само дел во фармерките
Постојат безброј начини за носење кошула, а за овој може да се каже дека изгледа најдобро.
Кога станува збор за џемпери и слично, ќе изгледаат одлично ако само предниот дел го ставите во панталоните.
Засукајте ги ракавите
Засуканите ракави веднаш ќе го подобрат изгледот на комбинацијата. Во овој случај внимавајте внимателно да ги завиткате ракавите за да не изгледаат стуткано и немојте да ги превиткувате многупати - некогаш доволно е и само еднаш.
Спирова С. | Црнобело