Кој ги смислил фармерките, зошто се носеле корсети - факти за популарните женски парчиња облека
Модата постојано се менува, но некои парчиња облека се хит со децении, па и со векови.
Можеби модерните модели не изгледаат како оние од пред речиси 100 години, но повеќе од очигледно е од каде е инспирацијата за нив.
Кога станува збор за женската облека, факт е дека со векови жените немале многу слобода – морале да го покриваат целото тело, не можеле да носат панталони, а бикинито било најголем грев. За среќа, оттогаш до денес има некаков напредок, па најпопуларните парчиња облека доживеаја целосна трансформација.
Во продолжение дознајте нешто повеќе за историјата на пет популарни женски парчиња облека:
Корсет
Се верува дека првите парчиња облека кој наликувале на корсет потекнуваат уште од Минојската цивилизација, односно периодот 3000 – 1100 година п.н.е. Според археолошките наоди, овие корсети биле изработувани од метал и имале за цел да ја затегнат половината, а да ги нагласат градите.
Корсетите што ни се познати нам станале популарни во Средниот век во Европа, а ги носеле и мажите, и жените. Изгледот на корсетите се менувал во 15, 16 и 17 век, а во 18 век почнал да се поврзува со аристократијата и најчесто ги носеле богатите жени. Жените од пониските класи самите си правеле корсети од поевтини материјали.
На почетокот на 1900-тите најпосакувани биле жените со слабо тело, па корсетите имале поголема должина, со цел да ги покријат и колковите. Во 1920-тите почнал да се фаворизира поприродниот изглед на телото, па корсетите ја изгубиле популарноста.
До 1950-тите корсетите повторно стануваат хит и едно од омилените парчиња на холивудските актерки. Кон 1960-тите популарноста на корсетите повторно опаднала, но до крајот на минатиот век славните жени повторно ги прославија, но овојпат не како долна облека. Овие корсети не беа затегнати како во минатото и можеа да се носат со фармерки, здолништа, панталони…
Изминатиов период корсетите уште еднаш станаа популарни, само сега девојките преферираат пократки модели и обично ги носат врз некое парче облека, како маица или фустан.
Фармерки
Првите фармерки биле направени во средината на 19-тиот век, од страна на Леви Штраус, чиј бренд е популарен и денес. Поради издржливоста, фармерките всушност биле работнички панталони кои најпрво се прославиле во САД, па потоа низ целиот свет.
Се верува дека Холивуд е еден од главните „виновници“ за прославувањето на фармерките како дел од секојдневната облека. Актерите како Џејмс Дин и Марлон Брандо доста често носеа фармерки во нивните филмови, но и на фотосесиите, па ова парче облека стана хит помеѓу тогашните млади генерации.
И Мерилин Монро е една од ѕвездите која ги направи фармерките едно од непосакуваното парче облека.
Оттогаш почнаа да се произведуваат секакви модели – со низок или висок струк, со широки или тесни ногавици, долги, кратки и шорцови…
Трендовите за фармерки се менуваат, но во последно време модата „се враќа“, па најпосакувани се моделите кои доминирале во 1960-тите и 1970-тите.
Женски костим за капење и бикини
Првите костими за капење почнале да се произведуваат во 1800-тите – тој период се подобриле средствата за транспорт, па одењето на плажа станало почеста активност за рекреација. Но првите костими за капење воопшто не наликувале на она што го носиме денес. Изгледале повеќе како комплет од фустан и панталони и целта им била да го покријат целото женско тело.
Дури во 1900-тите почнал да се менува дизајнот на женските костими за капење, најмногу бидејќи старите модели не биле практични за жените пливачи. Овој период костимите наликувале на комбинезони со кратки ногавици и без ракави.
40-тина години жените не смееле да го покажуваат целото тело на плажа, па дури и им ја мереле должината на костимите за капење, во случај да откриваат поголем дел од нозете отколку што треба.
Конечно, во 1946 е направено првото модерно бикини кое засекогаш ги промени женските костими за капење. Оттогаш се направени безброј модели и варијации на бикинито, а доста популарни станаа и едноделните костими за капење.
Женски чорапи и хулахопки
До почетокот на 1900-тите, жените не ги покажувале нивните нозе, па чорапите им служеле само за да ги стоплат. Кога почнале да носат посмела облека, односно малку пократки здолништа и фустани, жените почнале да се грижат за изгледот на нивните чорапи, па почнале да се произведуваат помодерни модели кои изгледаат убаво.
Првите „модерни“ женски чорапи биле изработувани од материјали како свила и волна, но во 1950-тите, по измислувањето на најлонот, тој станал главниот материјал за изработка.
Во 1959-та се направени и првите хулахопки кои набрзо станаа исто популарни колку и чорапите. И чорапите и хулахопките биле еднобојни, неретко црни, а кај хулахопките достап популарна била црната линија на задниот дел од ногата.
Веќе во 1960-1970 почнуваат да се продаваат хулахопки во секакви бои и дезени, а се прославуваат и моделите со беж боја.
Дезенираните хулахопки чорапи „исчезнаа“ од модната сцена во почетокот на 2000-тите, но последниве неколку години повторно се хит.
Женски костуми
Со години костумите биле облека само за мажи, сè до 1930 кога неколку холивудски актери се осмелуваат да ги облечат. Тогашното конзервативно општество било против жена во костум со панталони, но на повеќето жени им било смачено од стереотипите и почнале да го следат примерот на нивните идоли.
Во 1950-тите повеќе се негувал женственост изглед и костумите не биле многу популарни, но актерките како Мерилин Монро повторно ги вратиле на модната сцена.
Од 1960-тите костумите станале омилен избор за жените кои работеле во канцеларија, а веќе до 1980-тите станале синоним за жени бизнисмени.
Оттогаш до денес оваа облека стана прифатена насекаде, а сега речиси и да не постои жена која нема костум во нејзиниот гардеробер.
Спирова С. | Црнобело