Полиците ви се полни со облека, а пак немате што да облечете – Кои се причините за овој „проблем“?
Гардароберот ви е полн со облека, а пак немате што да облечете. Често ви се случува партнерот или другите да ви замерат дека за џабе се жалите дека немате што да облечете, кога гардароберот е преполн со облека што вие можеби воопшто не сте ја облекле, немате намера да ја облечете или немате со што да ја комбинирате.
Иако ги следите сите совети за организација, се обидувате да ја подредите облеката, сепак кога ќе дојде мигот да се облечете, пак немате што да искомбинирате и се чувствувате изнемоштено.
Како секојпат кога ќе треба некаде да се оди да завршувате постојано со истиот изглед, а сте претрупани со облека.
Постојат повеќе причини зошто би можеле да се најдете во ваква ситуација. Но, еве седум најчести:
1. Не фрлате ништо
Со години не сте ги тргнале старите парчиња облека, па така во вашиот гардаробер може да се најде облека од пред 10-15 години што ви зафаќа место, а немате намера да ја облечете повторно.
Исто така ги чувате старите фустани што сте ги купиле уште кога сте биле во средно училиште, ама не сакате да се простите од нив затоа што сте ги купиле скапо, а којзнае, можеби пак ќе се вратат во мода?
Решението е лесно. Тоа што не го носите и не сакате да оди во ѓубре, затоа што сте го платиле, можете или да го продадете на некои од веб страните за облека „од втора рака“ или донирајте го.
2. Облеката не ви е точна
Оние што ги гледале старите епизоди на серијата „Сексот и градот“ знаат дека Миранда чуваше еден пар тесни фармерки во гардароберот како иницијатива за полесно да изгуби килограми.
Можеби и вие го правите истото или пак сосема случајно ви се случило да се поправите или да ослабите. Како и да е, облеката што не ви е точна не треба да зафаќа драгоцено место во гардароберот.
Чувањето облека што не ви е точна само ви ја нарушува самодовербата. Ако облеката е премногу мала, а сакате да ослабите, тогаш ставете ја на некое место каде што нема да ја гледате, за да не чувствувате разочарување секојпат кога ќе ја видите.
Ако во период од 6 месеци уште не сте успеале да „влезете во неа“, фрлете ја или донирајте ја. Ако облеката ви е голема, можете или да ја донирате или пак да ја однесете да ви ја стеснат. Како и да е, морате да ослободите простор за облеката што навистина ви треба.
3. Ви дале облека за подарок
Може да се случи некој да ви дал облека што ниту ви е точна, ниту пак е во ваш стил, а поради различни причини (емотивни или други) не сакате да ja фрлите. Можеби сметате дека тој/таа што ви ја подариле облеката ќе дојдат да проверат дали суште ја чувате!? Како и да е, само ви зафаќа непотребно место.
Тоа што ќе ги отстраните ваквите несакани подароци не значи дека не ја сакате личноста што ви ги дала. Дали дошол некој да провери дали уште ја чувате облеката што ви ја дале?
4. Не сте направиле правилен избор кога купувате
Можеби ви се случило да излезете во шопинг, па иако ништо не ви се допаднало сепак сте се чувствувале обврзани да потрошите пари на некое парче облека, за да не ви биде трудот за џабе.
Кога ќе се вратите дома сфаќате дека тоа парче облека нема да го носите никогаш, но го чувате затоа што сте дале пари за него.
Ако купувате само за да купите нешто, самите си нанесувате неправда: помислете само колку време ви требало да ги заработите парите за да ги потрошите на облека што не ве прави среќна.
Размислете добро пред да купите нешто и бидете сигурни дека сте го направиле вистинскиот избор. Како и да е, можеби би било добро ваквите парчиња да ги ставите на продажба и да си вратите барем дел од потрошените пари. Или повторно, подарете ги.
5. Чувате сѐ што ви е омилено
Ги чувате сите парчиња облека што ви биле омилени. Како да ги фрлите? Иако можеби изгледаат малку старо и износено, вие си ги сакате и не можете да се откажете од нешто што го сакате.
За спомен служат фотографиите, видеата, а не старите парчиња облека што сте ги износеле. Да, тешко е да се простите од нив, ама помислете само на миг, колку убави спомени ќе имате со новите парчиња што ќе го заземат местото на старите?
Некогаш морате да го пуштите „старото“ за да направите место за нешто ново.
7. Постојано купувате нова облека
Можеби ви се случува многу да сакате да одите во шопинг ама постојано купувате нова облека, без притоа да размислите што имате дома и што треба да купите.
Вашиот гардаробер е преполн со шарена облека, не можете да направите комбинација помеѓу две парчиња, постојано испробувате нови стилови и никако не можете да се најдете себеси во нешто што навистина ви одговара.
Обидете се да ја распоредите облеката според стил, боја, крој итн. Видете што од ова одговара, а што не. Она што е добро сочувајте го, а од другото можете да се простите.
Ваквата организираност ќе ви помогне следниот пат кога ќе одите во шопинг да имате на ум што ви треба да купите и како би можеле да го комбинирате.
8. Облеката ви е иста
Во ред, можеби имате многу облека, но сите парчиња ви се исти: 10 пара црни пантолони, 10 пара фармерки, 6 зелени блузи, 5 пара патики, 7 исти бели маици. Постојано ги купувате истите парчиња облека без претходно да размислите дека како и да комбинирате постојано изгледате исто.
Распоредете ги парчињата облека и групирајте по колку парчиња иста облека поседувате. Можеби е време да почнете да купувате малку поразлична облека и да креирате различен изглед.
Б. С. Б. | Црнобело /фото: Freepik/Pexels