Девојка со Даунов синдром руши стереотипи во модниот свет – се бори за насловни страни и натпревари за убавина
Откако стана првата девојка со Даунов синдром што се натпреварувала во натпреварот за убавина Мис Минесота САД, Микeјла Холмгрин си постави нова цел: да биде првата личност со Даунов синдром што ќе се појави во модното списание Sports Illustrated Swimsuit.
Иако годинава, 26-годишната Микeјла дозна дека не влегла во потесниот избор, таа за Today вели дека тоа нема да ја спречи догодина повторно да се обиде.
Имено, таа со овој чекор се обидува да го отвори патот во модната индустрија и за другите лица со попреченост.
Како што вели, се надевала дека ќе биде во списанието затоа што сакала и другите да видат дека лицата со Даунов синдром се способни и се надева дека ќе успее да се избори за поинклузивни стандарди во индустријата за убавината.
„Сакав да ја поттикнам свеста за лицата со попреченост што сакаат да бидат модели, како мене. Сакам луѓето да знаат дека можам да го правам тоа“, вели таа.
Микејла ја започнала својата кариера на сцената кога имала само 6 години и се запишала на часови по танц. Таа ги сака сите облици на танц и сама ги создава кореографиите за своите движења.
Часовите по танц ѝ помогнале да стекне самодоверба и да се вљуби во изведбата, работата како модел и во јавното говорење.
Во 2015-тата година таа учествуваше и победи на изборот за Miss Amazing во Минесота, избор на Мис за луѓе со попреченост.
Во 2017-тата таа учествуваше на изборот за Мис на Минесота на Мис САД и иако не победи на изборот, таа сепак си замина дома со две титули: награда за најдобар дух и награда од директорот.
I'll just be over here bursting with happiness over Mikayla Holmgren busting stereotypes with spark and beauty!
— "Find-Out" Phase Correspondent (@writeriowa) November 27, 2017
First: A woman with Down syndrome competes in Miss Minnesota USA https://t.co/CSXioHjfI6 via @pioneerpress
Ова беше поздравено со стоечки овации од публиката и од учесниците.
„Тоа говореше многу за карактерот на учесниците. Додека бев на сцена се расплакав“, изјави мајката на Микeјла, Сенди, која несебично ја поддржува својата ќерка во остварувањето на своите соништа и цели.
„Ја охрабрувавме да ги остварува соништата. Кога се роди таа беше малечко ситно бебе, што претрпе низа операции и лекарите велеа: Не знаеме дали ќе може да оди или да говори. Еве ја 26 години подоцна ги руши границите. Таа има приказна за раскажување“, вели мајката.
Инаку, Микeјла се чуствува убаво затоа што со учеството во избори за Мис и со обидот да се појави во Sports Illustrated Swimsuit го зголемува разбирањето кај јавноста за лицата со Даунов синдром. Таа смета дека на тој начин се поттикнува свеста кај другите.
За крај вели дека ужива да биде модел и дека ќе продолжи да се бори за да ги оствари своите соништа во модната индустрија.
Б. С. Б. | Црнобело