Панталоните кои беа хит во 2000-тите се враќаат во мода – дали сте за или против низок струк? (фото+видео)
Повозрасните често знаат да кажат дека треба да се чуваат старите парчиња облека, затоа што модата се враќа. Сепак, голем број од нас потајно се надеваат дека одредени парчиња облека засекогаш ќе останат заборавени.
Покрај модните трендсетерки како Бела Хадид и Емили Ратајковски, кои никогаш не се откажаа од панталоните со низок струк, оваа пролет, и светските дизајнери приготвија вистинско изненадување за сите што се надеваа дека фармерките со низок струк засекогаш ќе останат во минатото.
На модните ревии за пролетната сезона на пистите на Balmain, Fendi и Versace можеа да се забележат и ваков модел на фармерки и панталони.
Иако многу луѓе не го сакаат овој модел на пантолони, сепак модните авторитети како Оливие Рустен, Ким Џоунс и Донатела Версаче одлучија да им дадат втора шанса.
Ревиите во Париз и Милано на суптилен начин го прикажаа овој веќе „изумрен тренд“ па така кај Оливие Рустен имавме можност да видиме класични панталони и фармерки со низок струк.
Од модната ревија на Balmain, фото извор: Vogue
На ревиите на Fendi и Versace на модната писта се појавија модели со кратки панталони со истата карактеристика (низок појас).
Од модната ревија на Versace, фото извор: Vogue
Исто така забележително е и дека за сезонава повеќе се преферира опуштен, покомотен крој на пантолони, наместо тесните модели што ја нагласуваа силуетата на коишто бевме навикнати на почетокот на овој милениум.
Од модната ревија на Fendi, фото извор: Vogue
Кој ги измисли панталоните со низок струк?
Понекогаш можеби и додека „сте се бореле“ да се облечете во тесни пантолони со низок струк, затоа што се модерни, а свесни сте дека во нив не можете да ги скриете несовршеностите (да не излезе стомакот, да не ви паѓаат пантолоните итн.), сигурно сте се запрашале: Кој ги измисли?
Во продолжение - краток одговор:
Историски гледано, овој модел на пантолони всушност за првпат се појави во 60-тите години на минатиот век. Хипиците се првите што ги внесоа во сопствениот стил и ги комбинираа со шарените кошули.
Првите славни личности што почнаа да ги носат на сцена беа Џими Хендрикс, Џенис Џоплин и Џим Морисон, а по нив целосно биле прифатени од тогашната диско сцена.
Глорија Вандербилт и Келвин Клајн се меѓу првите дизајнери што почнаа да ги прикажуваат на ревиите, а не поминало премногу време откако Александар Меквин ја претстави сопствената варијанта. Тој ги претстави панталоните под името „бумстерс“.
Покрај веќе споменатите рок ен рол легенди што го пробија овој тренд, најзаслужни за популаризацијата на овој моден тренд се „принцезите на екраните“ од 21-иот век, како Линдзи Лохан, Парис Хилтон, Никол Ричи и Бритни Спирс.
Со оглед на тоа што овој моден детаљ често се поврзува со промовирањето нездраво слабо тело и неатрактивно прикажување на телесните несовршености, воопшто не е ниту чудо што голем број луѓе се прерадуваа кога овој тренд го испративме засекогаш. Но, ете, пак нè дочека изненадување.
Б. С. Б. | Црнобело