Како да го одберете совршениот костим за капење според обликот на вашето тело?
Обликот на вашето тело нема никаква врска со висината или тежината, туку зависи од пропорциите на рамената и колковите.
Кога ќе знаете кој е вашиот облик, ќе знаете и кои делови од телото треба да ги истакнете, а што да прикриете. На овој начин многу полесно ќе ја одбирате облеката што ви стои најдобро, вклучувајќи ги и костимите за капење.
Погледнете кои модели на костими ќе ви стојат најдобро според обликот на вашето тело:
Како да го идентификувате вашиот облик?
За најлесно да го направите ова, застанете пред огледало и обрнете внимание на рамената и колковите. За да ви биде полесно, можете и да ги обележите пропорциите на огледалото.
Песочен часовник: Ако рамената и колковите имаат речиси иста ширина, а половината ви е изразена и тенка, тогаш спаѓате во оваа категорија. Веројатно имате и пошироки нозе и поголем задник.
Правоаголник: И овојпат рамената и колковите се со иста ширина, но половината не е тенка и изразена. Ова тело се смета за атлетски градено, бидејќи најчесто има и мускули.
Овална форма: Овде спаѓаат девојките со големи гради и стомаче, а со потесни колкови.
Триаголник: Ако имате широки колкови, а потесни рамена и половина, тогаш спаѓате во оваа категорија.
Превртен триаголник: Ако, пак, имате пошироки рамена, а тесни колкови и половина, тогаш вашето тело има форма како превртен триаголник.
Најдобриот костим за капење според вашиот облик
Песочен часовник: Ако спаѓате овде вие сте навистина среќни бидејќи на ова тело, сите модели изгледаат добро. Слободно носете и бикини и едноделни костими за капење.
Правоаголник: За да додадете облини на вашата фигура, одберете модел без рамки. Добро ќе ви стојат и костими со панделка или јазол на градникот.
Овална форма: Добро ќе ви стојат еднобојни модели, или костими со вертикални линии кои визуелно ќе ја издолжат вашата фигура. Одлично ќе изгледате и во едноделни костим со засеци од страните. Бидејќи имате големи гради, одберете костим со добра потпора.
Триаголник: Вие треба да ги нагласите рамената, па одлично ќе ви стојат костими со шарен горен дел. Ако носите бикини, најдобро е долниот дел да биде во една боја и без украси.
Превртен триаголник: Одберете костим што ќе ги нагласи вашите колкови. На пример, ако носите бикини, долниот дел нека биде со интересен дезен или украс, а горниот нека биде еднобоен.
Спирова С. | Црнобело