12 трендови од модната недела во Њујорк
Модната недела во Њујорк беше преполна со модели и креации кои делуваа навистина привлечно, но сепак незамисливо за секојдневието.
Од големиот број на трендови, издвојуваме 12 кои изгледаат навистина модерно, едноставно и погодни за носење.
Свечени фустани со високо, обвиткано деколте. Оваа есен силуетата е во преден план, без прекумерно покажување на кожа. Меката свила и сатен се вистински погодок кога станува збор за овој тип на фустан.
Црвени здолништа, фустани, панталони... Црвенилото е новата црна боја оваа есен. Во комбинација со есенски и неутрални бои и тонови, црвената боја е нешто што ќе го износите во постудените денови.
Црно-бели костими. Доколку костимите кои ви се во плакарот веќе ви стануваат здодевни, направете контрастни комбинации. Белите класични панталони комбинирајте ги со црно сако или обратно.
ПВЦ мантили. За прв пат на модните писти нешто што е навистина практично за овој период. Време е да го извлечете мантилот за дожд од вашиот плакар и да го носите без да ви се чини смешен.
Топли и пријатни џемпери. Удобни и пријатни за затоплување во есенските денови. Не се ограничувајте со боите. Оваа сезона спектарот на бои е широк и речиси сите нијанси кои се вклопуваат во вашиот стил се дозволени.
Контрастни јаки. Сите фустани и блузи на модните писти во Њујорк беа украсени со симпатични јаки, направени од спротивни бои и материјали од самите креации. Доколку сте љубител на ваквиот храбар тренд – оваа есен е вашата сезона.
Бели фустани украсени со ремен. Црниот појас изгледа е задолжителен детал оваа есен. Белиот едноставен фустан не е повеќе тренд, доколку не го украсите со ремен високо над струкот.
Модифицирани шешири. Есенските шешири се најдоа во секоја можна комбинација. Направени од топли и меки материјали, шеширите оваа сезона ќе ве штитат од ветерот и студениот воздух.
Црно-бели отпечатоци и шари. За комбинирање на есенското шаренило најдобар избор се токму црно-белите комбинации. Меѓутоа, исто толку модерно делува и мискот од две различни црно-бели шари.
Ретро фустани. Навраќањето во 60-тите години беше забележано токму според овие шарени фустани. Во комбинација со кратки кожни јакни потсетуваа на хипи стилот, само на современ и модерен начин.
Бледо сиви фустани. Во последните години сивите нијанси го бележат својот успех. Така и оваа модна недела беше преполна со елегантни бледо сиви фустани, изработени од свила кои ја истакнуваат фигурата на секој можен начин.
Карирани парчиња во темно црвени нијанси. Токму кога карираните парчиња се чинеше дека излегуваат од мода, модната недела во Њујорк го најави нивното враќање. Доколку изберете пончо или капут со оваа шара, сте направиле моден погодок.