Спасете ја косата од оштетување летово
Испуканите врвови и сувата коса се неизбежен проблем на високите температури. Лекот лесно ќе го пронајдете во секое масло богато со витамини.
Користете природно масло од бадем, јојоба или пак орев. Нема потреба од скапи третмани или експерименти од кои незнаете кој е крајниот резултат.
Ви нудиме едноставно решение кое може да го испробате во домашни услови, без да ви одземе многу време и пари.
Започнете со нанесување на маслото на сува, расчешлана коса. Доколку го нанесете откако косата е чиста и измиена, нема да го постигнете истиот ефект.
Поделете ја косата на прамени. Поединечно на секој ставете по неколку капки и протријте. Каде што ќе забележите дека краевите или коренот се посуви, нанесете повеќе.
Користете фен и мека четка. Расчешлувајќи ја нежно косата, сушете ја минута до две, доволно за да ја затоплите. Замотајте ја во фротирен пешкир додека е топла. Оставете ја да отстои 20 до 45 минути. Доколку имате бојадисана, прекршена коса може да го продолжите дејството дури до 2 часа.
Кога ќе сакате да го измиете маслото, нанесете шампон на сува коса и протријте. Направете си кратка масажа од неколку минути. Исплакнете со топла вода. Внимавајте да ја опфатите целата коса!
По третманот исушете ја со фен и обликувајте ја како и обично.