Како да го освежите стариот костим за капење?
Летото пристигна а вие повторно сакате нов костим. Пред да посегнете да го купите најскапиот во вашата омилена продавница, пробајте да добиете интересен изглед со она што веќе го имате на раполагање.
Не се плашете да експериментирате. Има многу идеи кои може да ви послужат за подновување и освежување.
Еве неколку:
1. Доколку стариот цветен костим ви станува здодевен и едноличен, пробајте да додадете неколку светкави детали. Некои од цветовите опкружете ги со светкави монистри или пак во центарот на цветот наредете неколку.
2. На еднобојниот костим додајте му трака со животински или цветен принт. Доколку е едноделен, ставете ја некаде под половината. Дводелниот можете да го украсите со трака на било кое место. Без разлика дали траката ќе ја зашиете за долниот дел или пак на рабовите на горниот дел од костимот, вашата цел ќе биде постигната – ќе добиете сосема нов и поинаков костим!
3. Обичниот едноделен костим сигурно одамна не сте го облекле. За да не ви делува толку здодевно, исечете го делот над струкот од двете страни, во форма на буквата С. Рабовите едноставно може да ги сошиете или да ги украсите по сопствена желба. Ова е скромен начин на покажете малку кожа, и да изгледате уште посекси.
4. Прикачете цвет во боја на било кое место од вашиот костим за да постигнете разигран и несекојдневен изглед. Со едноставен детал, на вашиот стар костим дадете му свеж изглед.