Домашни купки за стапала
Стапалата издржливо го носат целиот товар, но најчесто забораваме дека им треба ослободување и освежување по долгиот престој во неудобни чевли.
Со купка за стапала започнуваат скоро сите третмани во најпознатите светски спа центри, а трикот за брзо ослободување од стресот лесно може да го искористите и дома.
Купката за стапала не е само подготовка за педикир, напротив, и мажите и жените ќе си го подобрат расположението и вратат енергијата по само 10-15 минутен третман.
Нема никаква причина да се лишите од оваа можност, особено што сѐ што ви е потребно веќе го имате дома.
Неопходен е голем сад и вода, а останатото е прашање на желба. Наједноставно е само да додадете неколку лажици морска сол или мед во млака вода, или пак стапалата да ги натопите во чај (особено препорачуваме камилица или нане) и добивате одлична купка и со само една состојка.
Ви препорачуваме и две едноставни купки, а ваше е да седнете и уживате.
1. Овошна
Исецкајте еден цитрон (може да се замени или комбинира со лимон и портокал) на парченца, додадете 4 големи лажици морска сол, малку рузмарин и прелијте ги со сок исцеден од половина цитрон.
Прелијте со половина литар врела вода и оставете да отстојат неколку минути.
Потоа додадете поладна вода и прилагодете до саканата температура.
2. Мед и млеко
- Загрејте половина литар млеко и 2 литра вода.
- Со мешање во течноста растопете 2 големи лажици мед.
- Префрлете ја загреаната течност во кадичката (пластичниот сад) за стапала.
Менувајте ги и дополнувајте ги своите домашни спа третмани по желба, единствено внимавајте водата да достигнува до 3/4 од висината на кадичката за да може да ги движите стапалата без истурање.
По 10-20 минути во вода, исушете ги стапалата со пешкир и за дополнување на уживањето кусо измасирајте ги со крема. Ветуваме дека ќе се чувствувате препородено!