Година на трансформација на актерките
Ќе биде големо изненадување ако Вајола Дејвис го добие Оскарот за најдобра женска улога будејќи нејзина директна конкуренција се четири извонредни...
...актерки кои буквално се претопија со улогите што ги играат.
Откако Глен Клоуз го одиграла Алберт Нобс во театар во 1982 година, цели 15 години неуморно се обидувала да ја пренесе приказната на големото платно.
Алберт Нобс е жена која со децении се преправа во маж за да најде добра работа во Ирска во 19 век.
Приказната за вредниот и штедлив Алберт кој сонува да отвори своја продавница е базирана на краток расказ од ирскиот писател Џорџ Мур.
За овој лик Клоуз веќе доби низа номинации за престижни награди, меѓу кои и онаа за Оскар.
Трансформацијата на актерката е постигната со мали додатоци на носот и ушите, но целата маска е суптилна и нема прикривања зад лажни бради и мустаќи. Се се должи на изведбата на Клоуз.
Мишел Вилијамс
Филмот My Week with Marilyn е базиран на истоимената биографска книга на Колин Кларк, кој имал 23 години кога ја запознал Монро.
Во тој период, додека траел медениот месец со Артур Милер, славната актерка го снимала The Prince and the Showgirl со Лоренс Оливие.
Покрај препознатливите руси кадрици и црвен кармин, успешната трансформација лежи во упорноста и талентот на Вилијамс која шест месеци ги проучувала чекорењето, говорењето и гестикулациите на незаборавната секс бомба.
Главната улога во The Girl With The Dragon Tattoo толку ја обзема Руни Мара што тоа се одрази и на нејзиниот изглед и стил и во животот надвор од големото платно.
Слатката девојка за потребите на улогата ги избланшира веѓите, стави три пирса, ја скрати и избричи дел од косата.
За неа белите веѓи биле најголемиот шок бидејќи не очекувала дека толку ќе ѝ го променат изгледот.
„Не можев да се препознаам, но не ми пречеше бидејќи знаев дека тоа ќе ми помогне да влезам во ликот“, изјавила Руни.
Мерил Стрип
Трансформациите не се ништо ново за Мерил Стрип чиј последен предизвик беше да влезе во кожата на Маргарет Тачер во филмот The Iron Lady.
Како Американка која игра една од најфасцинантните фигури на британската политика, Стрип се соочи со напади од сите страни и мораше да внимава како го изговара секој збор бидејќи никому не му беше јасно зошто се избра актерка која треба да го учи и акцентот кога има доволно талентирани глумици во Англија.
И покрај негодувањата, Стрип максимално му се посвети на филмот и изјави дека оваа улога ја гледа како „Крал Лир за жените“.
Која од четирите дами најмногу ве импресионира?
З.П. | Црнобело